📽️ БЛОКИРАНИ УЛИЦИ, ОТКОРНАТИ ПОКРИВИ, ПАДНАТИ ДРВЈА… Силната бура направи хаос во Скопје
Граѓани пријавуваат проблеми од невремето низ главниот град. На социјалните мрежи се споделуваат снимки од последиците, а на терен се слушаат сирени на пожарникарни возила.
Силниот ветер кој попладнево го зафати Скопје продолжува да предизвикува проблеми низ повеќе делови од градот. Граѓани пријавуваат паднати дрвја, блокирани улици, оштетувања и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Според пријавите од жители, без струја останале делови од Волково, Матка, Сарај и Геге, а екипите се очекува да излезат на терен за отстранување на дефектите.
Низ улиците на Скопје се слушаат сирени на пожарникарни возила, додека службите интервенираат на повеќе локации каде има паднати дрвја и други опасности предизвикани од силниот ветер.
View this post on Instagram
Граѓани пријавуваат паднати дрвја кај Зоолошката градина, пред Капитол, кај Соборниот храм, на улицата Димитар Благоев во Лисиче, како и на повеќе други сообраќајници.
Проблеми има и на Рузвелтова улица, каде според пријавите паднато дрво блокирало дел од коловозните ленти, како и кај Министерството за земјоделство, каде дел од улицата Ленинова била отежнато проодна поради паднато дрво.
View this post on Instagram
Во населбите Аеродром и Ченто граѓани известуваат за превртени и оштетени мотори поради силните налети на ветерот, а паднати дрвја се пријавени и на улиците Гологанов и Илинденска.
На патниот правец кај Белви – Макпетрол, според сведоштва на граѓани, има паднато дрво на автопатот, што претставува опасност за возачите.
View this post on Instagram
На социјалните мрежи се појави и видео на кое се гледа како силниот ветер откорнува дел од покрив на зграда на булеварот Партизански одреди. Засега нема официјални информации дали има повредени лица.
View this post on Instagram
И покрај невремето, во делови од Скопје во моментов истовремено има и дожд и сончеви периоди, но ветерот останува силен и се препорачува внимателност.
Надлежните служби апелираат граѓаните да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја, електрични кабли и други потенцијално опасни места, а сите проблеми да ги пријавуваат на надлежните институции.
Костовски: Кризниот штаб на Бутел е подготвен, екипите се на терен
Општинскиот кризен штаб на Бутел е во постојана координација со надлежните институции и подготвен за реакција доколку невремето предизвика проблеми во општината, информира градоначалникот Дарко Костовски.
– Општинскиот кризен штаб е во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи, Град Скопје, јавните претпријатија, ЕВН и Центарот за управување со кризи. Екипите на Општина Бутел се целосно подготвени да се справат со евентуалните последици од невремето – соопшти Костовски.
Тој информира дека дежурни општински екипи се на терен и се достапни за граѓаните кои имаат потреба од интервенција или сакаат да пријават последици од невремето.
Граѓаните на Општина Бутел можат да пријават проблеми на телефонскиот број 078 517 344.
Костовски апелираше до жителите да останат смирени и внимателни додека траат неповолните временски услови.