📽️СУДАР НА ТРАЕКТ И ТОВАРЕН БРОД КАЈ КРИТ Властите утврдуваат како дошло до несреќата
Во судирот нема повредени, ниту загадување на морето, а грчките власти отворија истрага за причините за несреќата.
Патнички траект и товарен брод се судрија во заливот Суда на грчкиот остров Крит. Инцидентот, кој беше снимен од очевидци, за кратко време се прошири на социјалните мрежи, додека надлежните власти започнаа истрага за причините што довеле до несреќата.
Според грчкиот портал Прототема, траектот „Елирос“, кој е во сопственост на компанијата „Анек Лајнс“, испловувал од пристаништето кога се судрил со товарниот брод „Иосиф К“, кој во тој момент влегувал во заливот.
Судирот се случил нешто по 10 часот по локално време.
И покрај силниот удар, според првичните информации, нема повредени патници или членови на екипажот, а не е регистрирано ниту излевање гориво или друго загадување на морето.
По инцидентот, двата брода биле вратени во пристаништето, каде што им е забрането повторно да испловат сè додека не завршат техничките инспекции и не биде потврдена нивната пловидбена исправност.
Причините за судирот засега не се познати, а грчките поморски власти спроведуваат истрага за да утврдат како дошло до несреќата.