Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје денеска, како и секојдневно во континуитет, вршат интензивно расчистување на канализациската линија, шахтите и сливниците, со цел да се обезбеди непречено прифаќање и одведување на атмосферските води и да се намали ризикот од поплавување на критичните точки во градот, соопшти Град Скопје.
– Согласно најавите на УХМР, во попладневните часови се очекува силно невреме. Кризниот штаб на Град Скопје одржа состанок, целосно е мобилизиран, а екипите ќе бидат постојано присутни на терен, подготвени навремено да интервенираат и да се справат со можните последици. Сите расположливи човечки и технички капацитети се ставени во функција, со цел заштита на граѓаните, имотот и градската инфраструктура, како и спречување поголеми штети. Ваквите активности се спроведуваат секојдневно, но за ефикасно функционирање на системот неопходна е и одговорност од сите нас – велат од Градот.
Од градската управа апелираат до граѓаните да не фрлаат отпад во шахтите, сливниците и на јавните површини, бидејќи тој го блокира протокот и оневозможува правилно одведување на дождовната вода.
Град Скопје останува буден, мобилизиран и во целосна служба на граѓаните.