СÈ УШТЕ БЕСНЕЕ ПОЖАРОТ ВО НОРВЕШКА Стотици евакуирани, гаснењето ќе трае со денови

Разорниот пожар во близина на Драмен уништи над сто куќи, а пожарникарите предупредуваат дека опасноста сè уште не е помината.

232

Норвешката полиција и противпожарните служби ги предупредија жителите да не се враќаат во домовите кои останаа недопрени по разорниот шумски пожар што зафати подрачје југозападно од Осло.

Командантот на полициските операции, Столе Фуглас, за весникот „Верденс ганг“ изјави дека повеќе лица се обиделе да ги пробијат полициските кордони и да се вратат во своите домови.






– Сакаме да им помогнеме на сите, но не смеете да се изложувате на опасност – порача Фуглас.

Тој посочи дека гаснењето на пожарот во погодениот реон на Драмен може да продолжи уште најмалку десетина дена.

Командантот на противпожарната служба, Јан Ерик Феванг, на прес-конференција изјави дека пожарникарите и натаму интервенираат во населбата Крокстаделва во Драмен, како и во околните шумски подрачја.

Според норвешкиот јавен сервис НРК, жителите на кои ќе им биде дозволено да се вратат во домовите ќе бидат директно контактирани од властите и ќе бидат придружувани од припадници на итните служби.

Пожарникарот Ерик Смидсрод за „Верденс ганг“ изјави дека екипите во текот на ноќта изгаснале меѓу осум и десет помали жаришта во станбениот дел и долж шумскиот појас.

– Состојбата сега изгледа подобро отколку претходно, но не би рекол дека пожарот е целосно ставен под контрола – изјави тој.

Пожарот избувна во петокот попладне и за кратко време се прошири низ редови куќи. Според весникот „Драменс тиденде“, целосно се уништени 109 куќи, додека за уште пет постои голема веројатност дека нема да можат да бидат спасени.

Околу 400 лица беа евакуирани и мораа да ги напуштат своите домови. Норвешката Дирекција за цивилна заштита го оцени пожарот како најтежок настан од ваков вид во поновата историја на земјата.

Престолонаследникот Хокон во неделата ја посети населбата Крокстаделва за да ја види штетата предизвикана од пожарот.

Причината за избувнувањето на огнот сè уште не е позната. Според надлежните, пожарот се ширел исклучително брзо поради високите температури, сушниот период, силниот ветер и густата урбана структура на населбата.

Локалниот командант на противпожарната служба, Кале Варфјел, додаде дека врз интензитетот на пожарот можеле да влијаат и боците со гас за скара складирани во дел од домовите, кои дополнително го забрзале ширењето на огнот.

Поврзани содржини