9 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИНФРАСТРУКТУРАТА ВО ВЕЛЕС Николоски најави нови проекти во координација со општината

Вицепремиерот соопшти дека веќе се завршени три проекти во вредност од половина милион евра, а тоа се улиците 8 Мај, Љубљанска и Луј Пастер, а беше завршена и зградата во која има социјални станови.

56

Владата преку Министерството за транспорт инвестира речиси 9 милиони евра во инфраструктурниот развој на Велес – истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Тој, денеска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, престојуваше во работна посета на општина Велес, каде што со градоначалникот Марко Колев направи увид на многубројните проекти што се реализираат со поддршка на Владата и Министерството.






– Со гордост можам да кажам дека Владата преку Програмата за инфраструктурни проекти во општините и преку проектот што го имаме со Светската банка инвестира речиси 9 милиони евра, што е исклучително значајна сума за развојот на инфраструктурата. Денеска гледаме почнување со работа на две улици, а една е веќе завршена, и драго ми е што преку соработката што ја имаме со Светската банка веќе се завршени три проекти во вредност од половина милион евра, а тоа се улиците 8 Мај, Љубљанска и Луј Пастер, и исто така сега набргу беше завршена и зградата во која има социјални станови – изјави Николоски.

Вицепремиерот нагласи дека Владата ќе продолжи со силната поддршка за Општина Велес и во наредниот период.

– Ќе продолжиме да ја поддржуваме Општина Велес, да соработуваме со градоначалникот, Советот и со пратениците, а преку координацијата што ја прави премиерот да обезбедиме уште повеќе проекти, кои ќе се реализираат во интерес на граѓаните – порача Николоски.

Поврзани содржини