🎥 ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ИНДИЈА ВО ТРИДНЕВНА ПОСЕТА НА МАКЕДОНИЈА Историска посета на Драупади Мурму на регионот

Во рамки на посетата се предвидени и средби со претставници на бизнис-заедницата, како и активности посветени на зајакнување на културните врски меѓу двете земји. Посебно симболично значење има и фактот што Скопје е родниот град на Света Мајка Тереза, што претставува силна културна и духовна врска меѓу двете држави. Поради посетата ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје.

9,795

Претседателката на Индија Драупади Мурму денеска пристигнува во официјална посета на Република Македонија, во рамки на нејзината европска турнеја која ги опфаќа и Молдавија и Романија. Посетата има историско значење, бидејќи станува збор за прва официјална посета на индиски претседател на Македонија од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

За време на престојот во Скопје, се очекува Мурму да се сретне со државниот врв, при што во фокусот на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералната соработка, економските односи, трговијата, инвестициите, информатичката технологија, образованието и науката. Во рамки на посетата се предвидени и средби со претставници на бизнис-заедницата, како и активности посветени на зајакнување на културните врски меѓу двете земји.






Посебно симболично значење има и фактот што Скопје е родниот град на Света Мајка Тереза, една од најпочитуваните личности во Индија, што претставува силна културна и духовна врска меѓу двете држави.

Која е Драупади Мурму?

Драупади Мурму е претседателка на Индија од јули 2022 година и е 15-ти претседател на најнаселената демократија во светот. Таа влезе во историјата како првата претседателка која потекнува од домородната заедница Сантал, една од најголемите племенски заедници во Индија, како и најмладата личност што ја извршувала оваа функција.

Пред изборот за претседател, Мурму имаше долгогодишна политичка кариера во редовите на Индиската народна партија (BJP). Била пратеничка во сојузната држава Одиша, министерка задолжена за трговија, транспорт и рибарство, а од 2015 до 2021 година ја извршуваше функцијата гувернер на државата Џарканд, станувајќи првата жена на таа позиција.

Иако функцијата претседател во Индија е претежно церемонијална, Мурму има значајна улога во претставувањето на земјата на меѓународната сцена и во промовирањето на индиската дипломатија. Нејзините странски посети се насочени кон продлабочување на политичките и економските партнерства, особено со земјите од Европа, Африка и Азија.

Посетата на Скопје се оценува како значаен дипломатски чекор во развојот на односите меѓу Македонија и Индија и отвора можности за проширување на соработката во повеќе области од заемен интерес.

Посебен режим на сообраќај во Скопје

Поради официјалната посетата на претседателката на Република Индија Друпади Мурму, која ќе трае до 23 јули,  во Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, соопшти МВР.

Посебниот режим на сообраќајот ќе се применува во поширокото централно подрачје на Скопје. СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Поврзани содржини