ОКОЛУ 350 ЛИЦА СО СТОМАЧНИ ТЕГОБИ ПРЕГЛЕДАНИ ВЧЕРА ВО ГОСТИВАРСКАТА БОЛНИЦА Најголем дел се со лесна клиничка слика, тројца се хоспитализирани

105

Министерството за здравство соопшти дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар. Во тек се теренски увиди, епидемиолошки анкети и консолидација на пристигнатите пријави, по што Центарот за јавно здравје од Тетово како надлежен треба да донесе соодветна одлука.

– Во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани: 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани; 140 прегледи на Педијатриското одделение, од кои 105 нови и 35 контролни и девет прегледи во Ургентниот центар. Клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани лица останува низок. Сепак, поради зголемениот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности – наведуваат од Министерството за здравство.






Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар врши теренски увиди, епидемиолошки анкети и прибира податоци од заболените. Досега се доставени околу 140 формални пријави за заразна болест, кои се обработуваат од епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје.

– Институтот за јавно здравје е вклучен во истражувањето со стручна и лабораториска поддршка, а заедничките тимови продолжуваат со анкетирање на заболените, анализа на можните заеднички изложувања и микробиолошко испитување на земените примероци. Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, надлежен за прогласување епидемија на подрачјето на Гостивар е Центарот за јавно здравје Тетово. По спроведените теренски увиди, епидемиолошки анкети и консолидација на пристигнатите пријави, надлежниот Центар денес ќе донесе соодветна одлука – наведуваат од Министерството за здравство.

Во тек се епидемиолошко истражување и активно следење на новите случаи; микробиолошки испитувања на примероци од пациенти; испитувања на примероци од водата и процена на можните извори на зараза; надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови и координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.

Министерството за здравство апелира граѓаните да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете, а лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош. Јавноста ќе биде редовно и транспарентно информирана за лабораториските резултати, движењето на бројот на заболени и за сите дополнителни мерки што ќе бидат преземени.

Поврзани содржини