МУНДИЈАЛОТ ГИ НАДМИНА ОЧЕКУВАЊАТА НА ФИФА Инфантино вели дека домаќините го обединија светот преку фудбалот

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на заедничка прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп го оцени Светското првенство 2026 како најуспешно во историјата на фудбалот.

106

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, го прогласи Светското првенство 2026 за „најдоброто во историјата“, оценувајќи дека турнирот ги надминал сите очекувања.

Инфантино оваа оценка ја даде на прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп, каде што зборуваше за организацијата на првиот Мундијал со 48 репрезентации, кој се одржува во САД, Канада и Мексико.






– Ви ветив дека ќе бидеме домаќини на величествено Светско првенство. Секако, ги надмина сите очекувања. Полни стадиони во САД, Канада и Мексико, сите се среќни и уживаат во фудбалот – изјави Инфантино.

Тој му се заблагодари на Трамп за поддршката во организацијата на турнирот, оценувајќи дека Мундијалот станал симбол на поврзување на луѓето од целиот свет.

– Aмериканскиот сон се оствари, го обединивме светот во Америка. Ова Светско првенство немаше да биде толку успешно без вас. Ова не е само најголемото Светско првенство во историјата, туку и најголемиот социо-културен настан во човечката историја – порача претседателот на ФИФА.

Инфантино и претходно ги оценуваше последните Мундијали со највисоки оценки. По изборот за прв човек на ФИФА во 2016 година, тој го пофали Светското првенство во Русија во 2018 година, а потоа и турнирот во Катар во 2022 година.

– Остануваат уште два натпревари, но веќе може да се каже дека целиот свет, Америка и ФИФА победија од овој турнир – додаде Инфантино.

Светското првенство 2026 се одржува од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико. За првпат во историјата на Мундијалите учествуваат 48 репрезентации, наместо досегашните 32.

Во финалето ќе се соочат Шпанија и Аргентина, додека во натпреварот за третото место ќе играат Франција и Англија.

Поврзани содржини