ЖИВЕАТ ВРАТА ДО ВРАТА И ПО РАЗВОДОТ ОСТАНАА СЕМЕЈСТВО Нивес Целзиус објасни како изгледа односот со бившиот сопруг и неговата партнерка
Пејачката, актерка и писателка во големо интервју за хрватски медиум искрено зборува за односот со поранешниот сопруг Дино Дрпиќ, воспитувањето на децата, љубовта, критиките и животните лекции што ги научила низ годините.
Нивес Целзиус веќе речиси три децении е едно од најпрепознатливите лица на хрватската јавна сцена. Во текот на годините изгради кариера на повеќе полиња – како пејачка, писателка, актерка и телевизиско лице, а истовремено често беше и меѓу најкоментираните личности во Хрватска.
Денес вели дека одамна ја надминала потребата да им се докажува на другите.
– Предолго сум на естрадната сцена и ја надраснав таа фаза на докажување. Публиката што ме сака, ме сака поради тоа што сум, а оние што не ме сакаат, не ме сакаат поради сопствените проекции. Ништо што би направила во кариерата веројатно нема да им го смени мислењето, па затоа и не се оптоварувам со тоа – вели Нивес во интервју за Дневник.хр.
Една од темите што во последните години привлекува најголемо внимание е нејзиниот однос со бившиот сопруг, поранешниот фудбалер Дино Дрпиќ. Иако одамна тргнале по различни животни патишта, успеале да изградат однос заснован на меѓусебна почит и заедничка грижа за децата.
– Отсекогаш ми било природно некој што обележал важен дел од твојот живот, а особено таткото на твоите деца, да остане важна личност во него без оглед на променетите околности. Секако, тоа е можно само ако сте го делеле животот со разумна и морална личност која знае да го стави егото во втор план. За среќа, добро го избрав партнерот и таткото на моите деца. И двајцата секогаш сакавме да ги заштитиме чувствата на децата и да им обезбедиме мир и љубов – објаснува таа.
Нивната семејна динамика често предизвикува позитивни реакции, бидејќи покажува дека разводот не мора да значи крај на семејството. Особено емотивен момент беше кога нивната ќерка објави заедничка фотографија направена на нејзината матурска вечер на која е заедно со родителите и со партнерката на својот татко и напиша: Мама, тато, неговата девојка Инес и јас во заедништво за кое другите можат само да сонуваат. Во заедништво во кое маќеата ја нема таа неблагодарна улога од бајката затоа што е нежна и грижлива.
Во интервјуто, Нивес вели: Сигурна сум дека на моите деца им всадив емпатија, толеранција, почит и разбирање. Како родител секогаш се преиспитуваш и мислиш дека можело подобро, но во тоа сум сигурна.
Таа признава дека уште како млада научила дека егото ретко носи нешто добро.
– Кога ќе му дозволиме на егото да зборува погласно од нас, ги повредуваме луѓето околу себе, но и самите себе. Тешко би живеела со сознанието дека сум повредила некого.
Според неа, за да се зачува добар однос меѓу луѓето потребни се разбирање, толеранција, почит и љубов.
– Потребни се многу жртви и вложувања за да создадеш и задржиш таков однос. Кога некој ти е важна личност во животот, тогаш и се однесуваш така – вели Нивес.
Иако зад себе има богата кариера, смета дека денес од публиката ја добива можеби најголемата награда – искрената наклонетост.
– Да, ја чувствувам љубовта и симпатиите на луѓето. Знам дека многумина ме сакаат поради мојот карактер, а тоа ми вреди повеќе од сè.“
Со годините научила поинаку да гледа и на критиките.
– Не е пријатно да слушаш лаги за себе и за своите блиски. Но јас знам која сум и што сум. Имам прекрасни луѓе околу себе кои ме познаваат таква каква што навистина сум и не морам никому да му се оправдувам.
Кога ќе се изгаснат камерите, вели дека дома е сосема обична мајка.
– Мајка која се бори со секојдневните обврски и се труди да ги исполни сите улоги што се очекуваат од неа. Најмногу превртуваат со очите кога ќе им зададам некоја домашна задача. Понекогаш побрзо ми е сама да завршам сè отколку да чекам тие да го направат – вели низ смеа.
Децата отсекогаш биле нејзините омилени соговорници.
„И кога беа мали повеќе сакав да разговарам со нив отколку со некои возрасни луѓе.“
Љубовта е тема што го одбележала голем дел од нејзиниот живот и кариера, а денес точно знае што сака од една врска.
На прашањето дали повеќе верува во големата филмска љубов или во однос кој носи мир, почит и сигурност, таа кратко одговара:
„Не прифаќам ништо помалку од двете.“
Денес, додава, има многу работи што повеќе не би ги толерирала поради љубов.
„Веројатно затоа и одбирам да бидам сама. Денес премногу се ценам себеси за да прифатам помалку од она што го заслужувам.“
Кога би можела да си даде совет на себеси од пред дваесет години, тој би бил едноставен:
– Да се слуша себеси и своето срце и никогаш да не дозволи другите да ѝ ја разнишаат вербата во себе. Секогаш кога сум ја следела сопствената интуиција, се покажувало дека сум била во право.
Нивес признава дека денес е посреќна од кога било.
Иако многумина имаат впечаток дека живее целосно јавно, таа смета дека успеала да зачува голем дел од приватноста.
– Речиси 30 години сум на сцената, а луѓето всушност знаат многу малку за мене. Ако се земе предвид интересот што трае сите овие години, тоа е огромен успех.
На крајот открива дека најмногу ја погодуваат приказните за животни кои имаат потреба од помош.
– Слаба сум на животни. Речиси секоја приказна за напуштено или повредено животно ме растажува, а најмногу ме боли чувството дека не можам да им помогнам на сите.
Иако има богата кариера зад себе, нејзините амбиции не завршуваат тука. Особено сака уште повеќе да му се посвети на актерството.
„Би сакала да се испробам и во филм. Со актерството сериозно почнав да се занимавам релативно доцна и чувствувам дека ме чекаат уште многу интересни улоги и предизвици.“