БРВЕНИЦА ДОБИ НОВ В.Д. ГРАДОНАЧАЛНИК Роберт Милошески ќе ја води Општината до изборите
По прераната смрт на градоначалникот Јовица Илиевски, Советот на Општина Брвеница избра вршител на должност градоначалник. Функцијата привремено ќе ја извршува досегашниот претседател на Советот, Роберт Милошески.
Советот на Општина Брвеница го именуваше Роберт Милошески за вршител на должност градоначалник, по прераната смрт на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски. Одлуката беше донесена на вонредна седница, со цел да се обезбеди непречено функционирање на локалната самоуправа до изборот на нов градоначалник.
Во согласност со Законот за локална самоуправа, советниците со мнозинство гласови одлучија досегашниот претседател на Советот на Општина Брвеница, Роберт Милошески, да ја преземе функцијата вршител на должност градоначалник.
Милошески ќе раководи со Општината до распишувањето и одржувањето на предвремените локални избори, на кои граѓаните ќе изберат нов градоначалник.
Со преземањето на новата функција, неговиот мандат како претседател на Советот мирува. На истата седница, советниците за нов претседател на Советот го избраа Мирослав Даиловски.
Од Општина Брвеница информираат дека институцијата ќе продолжи со редовната работа, а тековните проекти, активностите и услугите кон граѓаните ќе се реализираат без прекин.