ПОЧНА ПРОЕКТ ОД НАД 6 МИЛИОНИ ЕВРА Мицкоски најави крај на долгогодишниот проблем во Сарај
Со инвестиција поголема од шест милиони евра ќе се уредуваат 12 километри од коритото на Сува Река, а проектот треба да биде завршен до 2029 година.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети Општина Сарај, каде што изврши увид во почетокот на активностите за уредување на коритото на Сува Река – проект вреден повеќе од шест милиони евра, чија цел е трајно да се реши проблемот со поплавите во овој дел од Скопје.
Проектот, кој се реализира со средства обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање, опфаќа уредување на речното корито во должина од 12 километри, од селото Бојане до Глумово, каде што Сува Река се влева во Треска. Реализацијата ќе се одвива по фази и треба да заврши во 2029 година.
При посетата, Мицкоски порача дека Владата останува фокусирана на исполнување на преземените обврски и реализација на капиталните проекти.
– Оваа Влада останува посветена на реализирањето на проектите и на ветувањата што ги презедовме како обврска. Не е лесно, предизвици има многу, но нема да се откажеме, бидејќи проблемите што се таложеле со децении не можат да се решат преку ноќ. Сепак, бараме начин и можност приоритетите на граѓаните да бидат завршени – изјави Мицкоски.
Тој им се заблагодари на жителите на Сарај за трпението и разбирањето додека проектите започнуваат да се реализираат.
– Им благодарам на граѓаните на Општина Сарај што беа толерантни и трпеливи овие проекти полека, но сигурно да почнат да се реализираат. Благодарност и до сите колеги од Владата кои покажуваат како се работи во интерес на граѓаните и на Македонија – рече премиерот.
Градоначалникот на Сарај, Илијас Весели, оцени дека станува збор за една од најголемите инвестиции што некогаш ги добила општината.
– Денес не го одбележуваме само почетокот на еден инфраструктурен проект. Ги поставуваме темелите на една од најзначајните историски инвестиции што досега ги имала Општина Сарај. Со години жителите на населените места покрај Сува Река живееја во страв од поплави, а денес тоа поглавје почнува да се затвора – изјави Весели.
Тој посочи дека градежните работи официјално започнале на 7 јули и дека проектот ќе се реализира во периодот од 2026 до 2029 година.
– Станува збор за инвестиција што директно ќе го подобри животот на илјадници граѓани. Министерството за животна средина обезбеди повеќе од шест милиони евра, што ја покажува сериозноста на овој проект. Ова не е само инфраструктурен зафат, туку инвестиција во безбедноста, мирот и достоинството на секое семејство кое живее покрај ова речно корито – нагласи Весели.
Според најавите, со уредувањето на Сува Река трајно треба да се намали ризикот од поплави, да се подобри заштитата на земјоделските површини и да се создадат подобри услови за живот на жителите во општината.