КУЈНАТА НА „РУСТИКА ВЕДИНГ ХОЛ“ ПОВТОРНО Е ВО ФУНКЦИЈА Конечните наоди за случајот со труењето во Прилеп не утврдија пропусти во работењето
Пред сè, искрено жалиме за непријатностите што ги претрпеа сите засегнати од овој настан. Искрено се надеваме дека сите кои беа погодени од случувањата се чувствуваат добро и дека оваа непријатна ситуација е зад нив.
„Рустика Вединг Хол“, компанија со долгогодишно искуство во обезбедување кетеринг услуги, ја информира јавноста дека, по завршувањето на инспекциските постапки и добивањето на конечните лабораториски наоди што следеа по случајот со труењето во Прилеп, нејзината кујна повторно е во функција.
Компанијата укажува дека сите досега спроведени инспекциски контроли и лабораториски анализи потврдија дека не се утврдени санитарно-хигиенски или санитарно-технички недостатоци, ниту контаминација во работните простории, кујната и анализираните примероци од храната. Дополнително, лабораториските анализи на примероците од храната не утврдија присуство на бактерии или друга контаминација, што потврдува дека во анализираните примероци не се констатирани отстапувања од пропишаните стандарди за безбедност на храната и важечките законски прописи.
„Пред сè, искрено жалиме за непријатностите што ги претрпеа сите засегнати од овој настан. Искрено се надеваме дека сите кои беа погодени од случувањата се чувствуваат добро и дека оваа непријатна ситуација е зад нив. Од самиот почеток целосно и транспарентно соработувавме со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје – Прилеп, Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, овозможувајќи непречено спроведување на сите инспекциски надзори, лабораториски анализи и дополнителни проверки.
Во согласност со Националниот протокол за постапување при сомневање за труење со храна, веднаш беа преземени сите предвидени мерки, вклучително и привремена забрана за вршење дејност до завршување на инспекциските постапки и добивање на сите лабораториски резултати.
Во интерес на јавноста и на сите засегнати, веруваме дека е важно институциите целосно да го расветлат случајот и да го утврдат причинителот и изворот на контаминацијата, за што сме подготвени да обезбедиме каква било дополнителна поддршка што ќе биде побарана од надлежните органи“ – се вели во соопштението на компанијата.