ЗАПОЧНУВА ПОСТАПКА ЗА МАЛОЛЕТНИТЕ НАСИЛНИЦИ ОД АЕРОДРОМ Побарана забрана да ѝ се доближуваат на 12-годишната жртва

Обвинителството бара поведување постапка против две 14-годишни девојчиња и две момчиња, осомничени за насилство, помагање и неовластено снимање на нападот врз 12-годишно девојче во скопската населба Аеродром.

204

Јавното обвинителство побара да се поведе постапка против четири малолетници поради насилниот инцидент што на 30 јуни се случи во скопската населба Аеродром, кога 12-годишно девојче беше физички нападнато, а целиот настан беше снимен со мобилен телефон.

Од Обвинителството информираат дека до надлежниот судија за деца е поднесено барање за поведување подготвителна постапка против две 14-годишни девојчиња, за кои постои основано сомнение дека сториле дело кое според Кривичниот законик се квалификува како насилство.






Воедно, за 15-годишно момче се бара постапка поради сомнение дека им помагало на девојчињата при извршувањето на насилството, како и за кривичното дело неовластено снимање. Истото кривично дело му се става на товар и на уште едно 14-годишно момче.

Според Обвинителството, нападот се случил на игралиште зад трговски центар во населбата Аеродром. Осомничените ја принудиле 12-годишната девојка да клекне и да им се извини, по што ја удирале со шлаканици и ја влечеле за косата. Девојчето се здобило со телесни повреди, а кај сведоците и јавноста биле предизвикани чувство на страв и несигурност.

Едно од момчињата, според обвинителството, ги советувало и охрабрувало девојчињата за време на нападот, додека двете момчиња без дозвола го снимиле целиот настан со мобилен телефон, нарушувајќи ја приватноста на жртвата. Снимката подоцна им ја испратиле на девојчињата кои учествувале во нападот.

Јавниот обвинител побарал од судот да им изрече мерки на претпазливост, со кои на сите осомничени малолетници ќе им биде забрането меѓусебно да контактираат, како и да воспоставуваат каков било контакт со 12-годишното девојче.

Поврзани содржини