📷 ВАР ГО РАЗЛУТИ ХАЛАНД Норвежанецот жестоко реагираше на долгата проверка на пеналот

Норвешкиот голгетер смета дека предолгата ВАР-проверка му го нарушила ритамот на Мбапе, кој го промаши пеналот, но подоцна ја одведе Франција во полуфиналето.

332

Франција со победата од 2-0 над Мароко обезбеди пласман во полуфиналето на Светското првенство, но натпреварот го одбележа и една контроверзна ситуација која предизвика бурни реакции кај навивачите, коментаторите, а очигледно и кај норвешката ѕвезда Ерлинг Халанд.

Станува збор за долгата ВАР-проверка пред изведувањето на пеналот за Франција во првото полувреме.






Главниот судија Факундо Тељо од Аргентина досуди најстрога казна откако Килијан Мбапе падна во шеснаесетникот по дуелот со Нусаир Мазрауи. Сепак, пред да му биде дозволено да шутира, следуваше долга проверка во ВАР-собата.

Според достапните информации, Мбапе чекал три минути и 12 секунди пред да го изведе пеналот. Францускиот напаѓач шутираше непрецизно, а мароканскиот голман Јасин Буну успеа да го одбрани ударот.

Долгото чекање очигледно влијаело врз Мбапе, кој за време на паузата за освежување разговарал со судијата Тељо и побарал објаснување зошто проверката траела толку долго.

Сличен став имаше и Ерлинг Халанд. Норвешкиот репрезентативец натпреварот го следел од хотелот на својата репрезентација и на „Снепчет“ објави фотографија од телевизискиот екран со кратка порака:

„Да чекаш пет минути за да изведеш пенал е предолго“.

 

Иако проверката не траела цели пет минути, пораката на Халанд брзо стана вирална на социјалните мрежи, иако подоцна ја избришал објавата.

Многумина сметаат дека токму толку долгата ВАР-проверка го нарушила природниот тек на натпреварот и психолошки влијаела врз изведувачот на пеналот.

И покрај промашувањето, Мбапе успеа да се врати во голем стил. Во второто полувреме постигна прекрасен погодок, продре од левата страна кон средината и со силен удар ја затресе мрежата на Буну, поставувајќи го патот кон победата на Франција.

Французите на крајот славеа со 2-0 и се пласираа во полуфиналето, но дебатата околу тоа колку долго треба да траат ВАР-проверките повторно се најде во центарот на вниманието.

Поврзани содржини