📽️ ФУДБАЛСКО ЛУДИЛО НА 10.000 МЕТРИ Аргентинци го претворија авионот во стадион, славењето по пресвртот ја тресеше кабината

Еден навивач купил авионски интернет за да го следи мечот со Египет, а за неколку минути околу неговиот лаптоп се собрале десетици Аргентинци. По голот за победа во 92 минута, авионот се претворил во вистинска навивачка трибина.

73

Страста на аргентинските навивачи уште еднаш покажа дека не познава граници – ниту на земјата, ниту на небото. За време на лет на височина од околу 10.000 метри, десетици патници го следеле драматичниот натпревар меѓу Аргентина и Египет на Светското првенство, а авионот накратко се претворил во вистинска фудбалска трибина.

Додека леталото било во воздух, еден аргентински навивач решил да го купи скапиот интернет-пакет што се нуди во авионот, само за да може во живо да го гледа четвртфиналниот натпревар на својата репрезентација.






Наместо натпреварот да го следи сам на својот мобилен телефон, тој го споделил на лаптоп со 187 останати патници. За само неколку минути околу него се собрале десетици аргентински навивачи, кои стоеле на патеката на авионот и со огромна неизвесност ги следеле случувањата на теренот.

Емоциите достигнале кулминација кога Египет повел со 2:0, а дополнителен шок предизвикал и промашениот пенал на Лионел Меси.

Но, следувал спектакуларен пресврт. Аргентина успеала да се врати во игра, а во 92 минута Енцо Фернандез го постигнал победничкиот гол за конечни 3:2.

Во тој момент кабината буквално експлодирала од воодушевување. Навивачите славеле со извици, прегратки и солзи радосници, додека стјуардесите со насмевка го снимале несекојдневниот момент.

Видеото од славјето за кратко време стана хит на социјалните мрежи и уште еднаш покажа дека кога игра Аргентина, нејзините навивачи ќе најдат начин да бидат дел од спектаклот – без разлика дали се на стадион или на 10.000 метри над земјата.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ultras (@ultrasclips)

Поврзани содржини