ПИЛОТ-ИНСТРУКТОР СЕ САМОУБИЛ СКОКАЈЌИ ОД АВИОН Вознемирената ученичка сама слетала по трагедија

42-годишниот инструктор Леандро Бертачо, според сведоштвото на студентката, ја отворил вратата од авионот за време на лет и скокнал, по што 22-годишната пилотка успеала сама да го приземји леталото.

223

Вистинска драма се случила во Аргентина, кога 22-годишна студентка по пилотирање била принудена сама да приземји мал авион, откако нејзиниот инструктор, 42-годишниот Леандро Бертачо, за време на летот ја отворил вратата на леталото и скокнал во смрт.

Трагедијата се случила во саботата во близина на местото Толедо, во аргентинската провинција Кордоба. Студентката била на обука со едномоторен авион „Цесна C-150“, а според нејзиното сведоштво, инструкторот непосредно пред трагедијата мирно ја соблекол опремата, ја отворил вратата од авионот и скокнал, оставајќи ја сама во кабината.






И покрај исклучително трауматичната ситуација, младата пилотка успеала да ја задржи присебноста, да го врати авионот на аеродромот „Коронел Олмедо“, од каде што претходно полетале, и безбедно да слета.

По слетувањето, таа веднаш ја известила полицијата за случувањето.

Телото на Леандро Бертачо било пронајдено околу 20 минути подоцна на поле, во областа која студентката ја посочила како местото каде што верувала дека паднал.

„Знаеш што треба да направиш, продолжи напред“

Директорот на школата за летање „Flying Parrot Cordoba“, Едуардо Алварез, раскажал што му кажала студентката по трагедијата.

– Во еден момент Леандро ѝ рекол: „Знаеш што треба да направиш, продолжи напред“. Ги симнал слушалките, ги собрал своите работи, вклучувајќи го и мобилниот телефон, го одврзал безбедносниот појас, ја отворил вратата, која многу тешко се отвора, и скокнал од авионот. Таа потоа испратила порака за итен случај и го вратила авионот на пистата, каде што успешно слетала – изјавил Алварез за аргентинските медиуми.

Тој додал дека Бертачо бил инструктор во школата четири години и дека сите го паметеле како ведра и насмеана личност.

– Секогаш беше насмеан. Никој не можеше ниту да претпостави дека би можел да донесе таква драматична одлука. Ја донел во авион додека покрај него имало уште едно лице. Нема начин тоа да се разбере, но човечкиот ум е толку сложен и непредвидлив – рекол директорот на школата.

Според локалните медиуми, Бертачо наводно бил на невропсихијатриско лекување, но, како што се наведува, за тоа знаел само најтесниот круг членови на неговото семејство.

Истрагата се обидува да ги утврди причините

Аргентинските власти спроведуваат детална истрага за да ги утврдат сите околности на трагедијата. Надлежните велат дека случајот е исклучително необичен и дека засега нема конечно објаснување за тоа што довело до овој настан.

Истражителите ја проверуваат целокупната документација за авионот и школата за летање, ги анализираат комуникациите остварени за време на летот, како и можноста за евентуален технички проблем со вратата или некој од безбедносните системи на леталото.

Директорот на школата посебно ја пофалил младата студентка поради начинот на кој реагирала во кризната ситуација.

– Беше многу потресена, но покажа извонреден професионализам. Сама го врати авионот на аеродромот и изведе совршено слетување. Покажа многу високо ниво на обученост и професионалност – изјавил Алварез.

Како што се наведува, Бертачо истиот ден претходно имал уште еден тренажен лет со друга студентка, пред да полета со 22-годишната кандидатка со која се случила трагедијата.

Истрагата треба да утврди дали имало какви било знаци дека инструкторот би можел да донесе ваква одлука, како и дали постоеле околности кои му претходеле на овој несекојдневен настан.

Поврзани содржини