НОВИТЕ ГРАНИЧНИ КОНТРОЛИ ПРЕДИЗВИКУВААТ ХАОС Девет земји бараат повеќе време за новите шенгенски проверки
Белгија, Франција, Германија и уште шест држави предупредуваат дека новиот Систем за влез/излез сè уште создава сериозни оперативни тешкотии и бараат продолжување на привремените олеснувања.
Девет европски земји побараа од Европската комисија да ја продолжи привремената флексибилност за новиот Систем за влез/излез (EES), предупредувајќи дека државите сè уште не се целосно подготвени за негова целосна примена.
Во заедничко писмо од 7 јули, во кое увид имал Политико, Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија му порачуваат на еврокомесарот за внатрешни работи Магнус Брунер дека првите месеци од функционирањето на системот покажале „значителни потешкотии“ кои не смеат да се потценат.
Иако ја поддржуваат имплементацијата на новиот Систем за влез/излез, министрите бараат Европската комисија да им овозможи на земјите и по 6 септември 2026 година да продолжат да го користат итниот механизам, кој според сегашните правила тогаш истекува.
Овој механизам им овозможува на граничните служби, во исклучителни ситуации, привремено да го суспендираат земањето отпечатоци од прсти и скенирањето на лицето за да се намалат гужвите на граничните премини, додека и натаму се евидентира секој патник што влегува или излегува од Шенген-зоната.
Во писмото министрите бараат Европската комисија навреме да достави и писмени гаранции дека оваа можност ќе остане во сила и по истекот на сегашниот рок.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, изјави дека Комисијата ја поздравува „експлицитната посветеност“ на земјите за целосна примена на системот и систематска регистрација на сите патници кои не се државјани на Европската Унија.
Тој потсети дека законодавството веќе предвидува одредени флексибилности, меѓу кои и можноста привремено да се прекине собирањето биометриски податоци во периоди на голем метеж, и нагласи дека Комисијата останува во „близок и конструктивен контакт“ со земјите кои имаат проблеми на одделни гранични премини.
– Постои силна заедничка волја системот успешно да профункционира насекаде – изјави Ламерт.
Писмото доаѓа во време кога аеродромите, авиокомпаниите и фериботските оператори предупредуваат дека новиот систем предизвикува долги редици и оперативни проблеми во екот на летната туристичка сезона. Според претставниците на индустријата, техничките и оперативните предизвици најверојатно нема да бидат целосно надминати до почетокот на септември.
Засега Европската комисија не најавува дека планира да го продолжи рокот за користење на сегашните флексибилности по 6 септември 2026 година.