📽️ ТЕШКО ДА ОДАМ ВО МОСКВА, СЕ ПОШЕГУВА ЗЕЛЕНСКИ СО ТРАМП Шефот на САД тврди дека мирот е поблиску одошто се мисли
Трамп откри дека го одбил предлогот мировните преговори да се одржат во Москва, по што следуваше духовита реплика од Зеленски пред новинарите. Американскиот претседател во Анкара оцени дека и Зеленски и Путин сакаат крај на војната и порача дека во последните недели бил направен значителен напредок.
„Тешко е да одам во Москва, таму има многу украински дронови“.
Вака му одговори Володимир Зеленски на Доналд Трамп за време на нивната заедничка средба на Самитот на НАТО во Анкара, предизвикувајќи смеа кај присутните. Необичната размена дојде додека американскиот претседател зборуваше за можните мировни преговори меѓу Киев и Москва.
Трамп ја одбил Москва
Американскиот претседател откри дека рускиот лидер Владимир Путин предложил евентуалните мировни разговори да се одржат во Москва.
– Едно од нештата за кои разговаравме беше каде би сакал да се сретнеме. Тој рече дека Москва би била идеална – изјави Трамп.
Сепак, додаде дека веднаш го отфрлил предлогот.
– Едноставно нема да функционира – рече американскиот претседател.
Потоа се сврте кон Зеленски и го праша дали би сакал да отпатува во Москва.
– Тешко е, таму има многу украински дронови – возврати украинскиот претседател.
Trump: Would you go to Moscow?
Zelensky: It’s difficult. There are a lot of Ukrainian drones there. pic.twitter.com/onbXJu1CCU
— Clash Report (@clashreport) July 8, 2026
„И двајцата сакаат крај на војната“
Трамп изрази уверување дека Путин и Зеленски на крајот ќе седнат на иста маса.
– Зеленски ќе биде на состанокот и нешто ќе се случи. Ќе биде нешто позитивно – рече тој.
Американскиот претседател оцени дека мировното решение се подготвува подолго време и дека двете страни имаат интерес конфликтот да заврши.
– И двајцата сакаат крај на војната – рече Трамп, мислејќи на Путин и на Зеленски.
Тој додаде дека во последните недели бил направен значителен напредок кон можен мировен договор.
Од Овалната соба до добри односи
Трамп повторно нагласи дека односите со Зеленски денес се многу подобри отколку во минатото.
– Тешко е да се поверува, зарем не? Од Овалната соба па до сега, развивме многу добар однос – рече тој.
На тоа Зеленски возврати:
– Тука не е крајот.
– Ова е само почеток – одговори Трамп.
Патриот и обнова на Украина
Американскиот претседател најави дека Европа и Украина би можеле да добијат лиценци за производство на американските системи „Патриот“.
Тој посочи и дека Украина располага со значајни резерви на ретки минерали и дека по завршувањето на војната ќе следува период на обнова во кој САД ќе имаат важна улога.