АРГЕНТИНА НА МЕСИ БАРА НОВ ТРОФЕЕН ПАТ, ЕГИПЕТ БАРА ЧУДО Во сенка на спектаклот, Швајцарија и Колумбија за последно место во четвртфинале
Светското првенство ги добива последните четвртфиналисти од осминафиналната фаза. Аргентина на Лионел Меси е голем фаворит против Египет на Мохамед Салах, додека Швајцарија и Колумбија ќе се борат за место меѓу осумте најдобри репрезентации.
Осминафиналната фаза на Светското првенство денеска дефинитивно ќе биде затворена со два натпревари, по кои ќе бидат познати сите четвртфиналисти. Во центарот на вниманието ќе биде големата пресметка меѓу актуелниот светски шампион Аргентина и Египет, каде фудбалскиот свет ќе го следи дуелот меѓу две огромни имиња – Лионел Меси и Мохамед Салах.
Аргентина и Египет ќе се сретнат на стадионот во Атланта, во натпревар во кој „гаучосите“ влегуваат како големи фаворити. Тимот на селекторот Лионел Скалони ја продолжува одбраната на светската титула и се наоѓа во одлична форма со осум последователни победи.
Сепак, патот до осминафиналето не беше лесен. Аргентина до оваа фаза стигна по драматичен дуел против Зелени Острови, кој го реши дури во продолжението, со автогол во 111-тата минута.
На спротивната страна стои Египет, репрезентација која испиша историја со пласманот во осминафиналето по цели 92 години чекање. „Фараоните“ направија голема сензација со елиминацијата на Австралија по изведувањето пенали, но сега ги очекува најтешкиот можен предизвик.
Египет има сериозни проблеми во одбраната поради повредите на неколку важни играчи, меѓу кои Хафез, Фатух и Абделмонем. Дополнителен проблем за тимот на Салах е фактот дека во последните шест натпревари примале најмалку еден гол.
Аргентина, пак, ја има една од најопасните напаѓачки линии на турнирот, а сите очи повторно ќе бидат вперени кон Меси, кој настапува на својот последен Мундијал со желба уште еднаш да ја одведе својата репрезентација до највисоките дострели.
Натпреварот меѓу репрезентациите на Аргентина и Египет се со одигра на стадионот во Атланта со почеток од 18:00 часот.
Швајцарија и Колумбија за последното четвртфинално место
Последниот натпревар од осминафиналето ќе го одиграат Швајцарија и Колумбија во Ванкувер.
Швајцарците до оваа фаза стигнаа со сигурна победа над Алжир од 2:0, а по почетното реми против Катар, тимот на Мурат Јакин подигна форма и забележа три последователни победи против Босна и Херцеговина, Канада и Алжир.
Колумбија, предводена од селекторот Нестор Лоренцо, исто така се наоѓа во одличен момент. Јужноамериканците имаат пет победи и едно реми во последните шест натпревари, а особено се истакнува нивната стабилна одбрана која не примила гол на последните три средби.
Швајцарија ќе има проблеми со повредите на Аебишер и Жакес, додека Колумбија останува без напаѓачот Кордоба, кој поради повреда го заврши настапот на турнирот. Неговото место го презеде Луис Суарез.
Иако нема изразен фаворит, се очекува исклучително неизвесен дуел во кој квалитетот на колумбискиот напад може да биде клучниот фактор.
Средбата Швајцарија – Колумбија на програмата е од 21 часот на стадионот во Ванкувер.
Познати три четвртфинални двојки на Мундијалот
Побединиците од вечерашните пресметки ќе играат меѓу себе во четвртфиналето закажано за 12 јули. Останатите три двојки од оваа рунда се веќе комплетирани. Франција ќе ги одмери силите со Мароко на 9 јули, додека еден ден подоцна Шпанија ќе се соочи со Белгија. Третиот четвртфинален пар го сочнуваат Норвешка и Англија, кои својот меч ќе го одиграат на 11 јули. За македонските навивачи кои го следат првенството преку телевизиските екрани, овие возбудувања значат доцни ноќни часови пред екраните, со оглед на временската разлика со градовите домаќини во Соединетите Американски Држави и Канада.