ГРАД СКОПЈЕ ИЗДВОИ 1,2 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ПОМОШ ЗА ВЕНЕЦУЕЛА Градоначалникот потсети дека Скопје многу добро знае што значи земјотрес
Нашите мисли се со сите граѓани кои минуваат низ овие тешки моменти. Скопје беше изградено од солидарноста на светот, меѓу кои беше и Венецуела - напиша градоначаникот Орце Ѓорѓиевски.
Град Скопје издвои финансиска помош од 1.200.000 денари за справување со последиците од земјотресот во Венецуела, објави на Фејсбук градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
– Скопје многу добро знае што значи болка по разорен земјотрес. Нашиот град ја носи таа лузна длабоко во својата историја, но ја носи и најсилната порака, дека кога е најтешко, човечноста мора да биде најгласна. По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје не остана само. Светот подаде рака, народи од сите континенти помогнаа градот повторно да се роди од урнатините, а меѓу првите земји кои застанаа со помош и солидарност беше токму Венецуела. Тоа Скопје не го заборава.
Токму затоа, денес, кога народот на Венецуела се соочува со последиците од земјотресот, Град Скопје возвраќа со човечност, почит и поддршка, вели Ѓорѓиевски.
Тој воедно изразува сочувство до семејствата на жртвите, и желба за брзо закрепнување на повредените.
– Нашите мисли се со сите граѓани кои минуваат низ овие тешки моменти. Скопје беше изградено од солидарноста на светот, меѓу кои беше и Венецуела. Затоа Скопје денес е светски град – напиша Ѓорѓиевски.