ПРИНЦОТ ХАРИ ПРИСТИГНА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА САМ Бакингемската палата му го откажала сместувањето бидејќи предоцна одговорил

Принцот Хари пристигна во Велика Британија откако му било соопштено дека нема да може да престојува во Бакингемската палата, наводно затоа што предоцна одговорил на понудата за сместување.

120

Четириесет и едногодишниот војвода од Сасекс допатува во Велика Британија без сопругата Меган Маркл и нивните деца Арчи и Лилибет, потврди неговиот портпарол. Според британските медиуми, кралот Чарлс му понудил сместување во кралската резиденција, но Хари не дал навремен одговор.

Неговото пристигнување следува само два дена откако бил известен дека престојот во палатата не може да се реализира. Во меѓувреме, кралот Чарлс се појави на настан со британската армија во Дорсет, каде што се качи во борбен тенк, избегнувајќи јавно да ги коментира контроверзите околу својот син.






Според извори блиски до палатата, кралот побарал одговор од Хари до минатиот петок, но војводата сè уште се двоумел во текот на викендот. Наводно, првично ја одбил понудата, а потоа се обидел да ја прифати само неколку часа подоцна.

Хари се врати во Британија поради серија обврски во Лондон и Бирмингем, меѓу кои и одбележувањето на една година до почетокот на Игрите „Инвиктус“ во 2027 година.

Кралските службеници во саботата вечерта му соопштиле дека сместувањето повеќе не е можно бидејќи потребните организациски и логистички подготовки веќе не можеле да се реализираат. Сепак, во понеделникот настана дополнителна забуна кога тимот на Хари информирал дел од медиумите дека тој сепак ќе престојува во Бакингемската палата, повикувајќи се на директни разговори со кралот.

Од палатата возвратиле дека Хари едноставно не одговорил навреме, иако имал неколку недели за да донесе одлука.

Портпаролот на војводата потоа изразил разочараност и ја обвинил Бакингемската палата дека ја повлекла понудата во последен момент. Тој тврди дека Хари минатата недела работел на алтернативни безбедносни аранжмани, откако британските власти одлучиле неговото семејство да не добие дополнителна заштита, и дека штом тие биле обезбедени, формално ја прифатил понудата за сместување.

Од друга страна, извори од палатата наведуваат дека до истекот на рокот не било добиено официјално прифаќање на понудата. Тие додаваат дека за подготовка на кралска резиденција е потребно доволно време за организација на персоналот и сите протоколарни обврски.

И покрај актуелниот спор, палатата нагласува дека во иднина на Хари и неговото семејство повторно ќе им биде понудено сместување во кралска резиденција при некоја следна посета.

Се очекува Хари и кралот Чарлс да се сретнат за време на посетата, иако деталите веројатно ќе останат приватни.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Meghan, Duchess of Sussex (@meghan)

Засега не е познато дали Меган, Арчи и Лилибет ќе му се придружат подоцна во текот на неделата. Децата последен пат го виделе својот дедо, кралот Чарлс, во 2022 година.

Според извори блиски до двојката, тие моментално престојуваат во Европа, а не е исклучено подоцна да отпатуваат во Британија. Меган треба да му се придружи на Хари во Бирмингем на настан посветен на Игрите „Инвиктус“.

Во меѓувреме, Хари и понатаму е незадоволен од безбедносните мерки што ги добива за време на посетите на Велика Британија. Тој бара постојана полициска заштита, додека британските власти секоја негова посета ја разгледуваат поединечно.

Извори тврдат дека Хари сака своите деца подобро да ги запознаат британските корени и да ги однесе во Алторп, семејниот имот на принцезата Дијана, каде што таа е погребана.

Новата расправија дополнително ги истакна затегнатите односи меѓу војводата од Сасекс и кралското семејство, кои траат уште од неговото повлекување од кралските должности во 2020 година и преселбата во Соединетите Американски Држави.

Поврзани содржини