📽️ ШПАНИЈА ГО ПРЕЖИВЕА РОНАЛДО, МЕРИНО ЈА НАПИША ПРЕСУДАТА Ибериското дерби решено во последен миг
Шпанците напаѓаа речиси цел меч, а наградата стигна во самиот финиш. Погодокот на Микел Мерино не само што ја однесе „Фуријата“ понатаму, туку и стави точка на мундијалската приказна на Кристијано Роналдо.
Еден момент, една асистенција и еден удар беа доволни да падне Ибериското дерби. Кога натпреварот веќе мирисаше на продолженија, Микел Мерино погоди во 90+1 минута и ја одведе Шпанија во четвртфиналето, оставајќи ја Португалија без одговор и без последна шанса Кристијано Роналдо да стане светски првак.
Шанси на сите страни, голови на ниту една
Првото полувреме понуди сè освен погодок. Ојарзабал, Олмо, Јамал и Баена се закануваа кон голот на Диого Кошта, кој имаше неколку извонредни интервенции.
На другата страна, Роналдо се најде во две добри ситуации, а Нуњо Мендеш ја погоди пречката на Унаи Симон.
На пауза се замина со 0:0.
Португалците се бранеа, Шпанците чекаа момент
Во продолжението темпото падна, а двете селекции играа многу повнимателно. Дополнителен проблем за Португалија беше повредата на Нуњо Мендеш, кој мораше да го напушти теренот во 55. минута.
Шпанија постепено го засилуваше притисокот, додека Португалците сè почесто се повлекуваа кон својот гол.
Мерино ја донесе пресудата
Кога веќе сите се подготвуваа за продолженија, Феран Торес испрати прецизна топка кон Микел Мерино. Играчот од средниот ред остана смирен и во 90+1 минута ја испрати топката во мрежата за голема радост на Шпанците.
Погодок што вредеше четвртфинале.
Последен мундијал за Роналдо
Со елиминацијата на Португалија заврши и една од најголемите мундијалски приказни во историјата. Четириесет и едногодишниот Кристијано Роналдо остана без трофејот што најмногу го посакуваше во кариерата.
Светскиот шампионат во 2026 година беше неговата последна можност да го освои единственото големо признание што недостига во неговата богата колекција.