ПО „АЛИ“ ТРГНАТО БИЛО И ВТОРОТО ТОБАКО КАЈ БИТПАЗАР Градот е спремен да се справи со дивоградбите, вели Ѓорѓиевски

По уривањето на тобакото „Али“ и соседниот објект, градоначалникот порача дека следна цел е расчистување на целиот потег кај Бит Пазар и отворање безбедни пешачки и велосипедски коридори.

634

Целта на Град Скопје е да нема дивоградби, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во ТВ гостување осврнувајќи се на неодамнешното рушење на тобакото „Али“ кое беше лоцирано на тротоар на Бит Пазар.

– Ноќеска е тргнато и она тобако што беше после тобакото „Али“, кое 15-тина години исто така оневозможуваше користење на велосипедска и пешачка патека. Мојот успех е во тоа – 15 години таму полицајци се удираа во пајаци, граѓаните беа оневозможени да функционираат нормално, низа сообраќајки имаше поради застанување на одредени возила и никој не можеше да го отстрани тобакото. Јас сум тој градоначалник што го отстрани тобакото. Може да има поделени мислења, но јас ја постигнав целта. Таму не постои веќе тобакото „Али“, не е блокиран преминот за патници. Од друга страна, целта ни е да се исчисти целиот тој потег, до крај и да биде нормална велосипедска и пешачка патека што граѓаните безбедно ќе ја користат. Тоа го правам за граѓаните и ќе успеам во тоа – потенцираше градоначалникот.






На прашањето дали ќе има постапки за големи, габаритни објекти кои се дивоградби, Ѓорѓиевски одговори дека со сите општини има склучено меморандум за соработка.

– Градежната инспекција е на општините. Со сите склучивме меѓуопштинска соработка во која ги нудам своите капацитети, на Градот, на јавните претпријатија, за да постапуваме. Секаде каде што ќе алармира одредена општина, каде што ќе има изготвено решение за отстранување одреден објект, колкав сака нека е тој објект, а станува збор за дивоградба, веднаш сме подготвени како Град Скопје да влеземе и да го решаваме проблемот, односно, да ја отстраниме дивоградбата. Моја должност е да ги отстранам сите објекти што зафаќаат јавна површина во надлежност на Град Скопје, без разлика дали се времени или цврсти, објекти покрај кои 15 години поминувале одредени градоначалници, но ја вртеле главата на друга страна, плашејќи се да погледнат натаму, а камоли да постапат. Ќе овозможам безбедни пешачки и велосипедски коридори за нашите сограѓани. Тоа го ветив во кампањата и така постапувам – подвлече Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини