ЗА 14,5% ПОВЕЌЕ KAПИТАЛНИ ИНВЕСТИИ СО ПРЕДЛОЖЕНИОТ РЕБАЛАНС НА ДРЖАВНАТА КАСА Парите одат во патишта, плати и пензии, вели ВМРО-ДПМНЕ
Според Емил Спасовски од ВМРО-ДПМНЕ, предложениот ребаланс носи повеќе средства за инфраструктура, здравство, образование и социјална заштита. Капиталните инвестиции растат за 5,8 милијарди денари, платите за 1,1 милијарда, а субвенциите и трансферите за речиси 4 милијарди денари, вели тој, истакнувајќи дека тоа е вкупно зголемување за 14,5% на инвестициите во однос на лани.
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски кој оцени дека предложениот ребаланс на Буџетот за 2026 година претставува развоен, реален и финансиски одржлив документ, кој што е во интерес на граѓаните и државата.
Тој нагласи дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат 46 милијарди денари, што е зголемување од 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти во однос на првично планираниот буџет. Тој додаде дека, според него, ребалансот има за цел забрзан економски раст и спроведување на фискална консолидација преку строга фискална дисциплина.
– Со ребалансот на Буџетот за 2026 година обезбедуваме дополнителни средства за капитални инвестиции кои достигнуваат 46 милијарди денари и се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, што е зголемување за 14,5% во однос на планираниот буџет. Средствата за платите и надоместоците се зголемуваат за 1,1 милијарда денари достигнувајќи 53,7 милијарди денари. Субвенциите и трансферите растат за 3,9 милијарди денари или 10,4%. Овие средства одат за земјоделство, железнички сообраќај, студентски и ученички стандард, породилно боледување, мој ДДВ и други приоритетни расходи. Социјалните трансфери растат за 2,2 милијарди денари – рече Спасовски.
Во своето обраќање, Спасовски истакна дека предложениот ребаланс обезбедува повеќе средства за инфраструктура, здравство, образование, социјална заштита, спорт и култура.
– Ова значи дека овој ребаланс предвидува подобра инфраструктура, повисоки плати и пензии, подобро здравство, подобро образование, повеќе грижа за ранливите категории, повеќе за спортот и културата. Во патната инфраструктура продолжува реализација на коридорот 8 и коридорот 10Д и автопатот Скопје-Блаце, за кој денеска во Владата се потпиша договор и конечно македонска компанија ќе го гради овој автопат. Во железничката инфраструктура продолжува изградбата на источниот дел од железничкиот коридор 8, делницата од Бељаковце до Крива Паланка – вели Спасовски.
На истата седница Александар Јамалов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ребалансот на Буџетот за 2026 година не претставува само измена на буџетските ставки, туку документ што ќе овозможи нови инвестиции, реализација на проекти, економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
– Кога ги анализираме макроекономските показатели во период 2017 до 2026 година гледаме јасен тренд, БДП по тековни цени расте од околу 618 милијарди денари во 2017 година на повеќе од 1 билион денари во 2025 година, а позитивен тренд продолжи и во 2026 година, тоа значи дека економијата создава поголема вредност, се движи напред и има капацитет да поддржи нов инвестициски циклус – рече Јамалов.
Пратеникот Жан Дрвошанов, пак, од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека кај инфраструктурните проекти во општините имаме зголемување од 113% или 300 милиони денари.
Пратеникт посочи и дека железничката инфраструктура добива 743 милиони денари односно дека истата покажува раст за 25,3%, како и тоа дека во 2026 година во рамките на железничката инфраструктура во соработка со ЕБОР ќе се спроведе и проектот со кој е предвидено изградба на заеднички железнички граничен премин со Република Србија односно изградба и опремување на железничка станица Табановце.