ДАЛИ РОНАЛДО ГО ИГРА ПОСЛЕДНИОТ ГОЛЕМ НАТПРЕВАР? Португалија и Шпанија во европска пресметка, САД ја дочекува Белгија

Европското дерби меѓу Португалија и Шпанија, како и дуелот на домаќинот САД со Белгија, ќе ги дадат последните патници во четвртфиналето на Светското првенство.

84

По сензационалната елиминација на Бразил, осминафиналето на Светското првенство влегува во својата завршница со два спектакуларни дуела кои би можеле целосно да ја променат сликата за фаворитите. Вечерва вниманието ќе биде насочено кон европското дерби меѓу Португалија и Шпанија, но и кон настапот на домаќинот САД против Белгија.

Бразилскиот пораз од Норвешка, предводена од феноменалниот Ерлинг Халанд, покажа дека на овој Мундијал нема недопирливи репрезентации. Токму затоа, останатите четири осминафинални пресметки се очекуваат со уште поголемо внимание.






Роналдо против Шпанија – можеби последниот голем меч?

Европа сигурно ќе добие уште еден четвртфиналист, бидејќи вечерва во Далас ќе се соочат Португалија и Шпанија.

За 41-годишниот Кристијано Роналдо ова најверојатно е последното големо репрезентативно натпреварување во кариерата, а Португалците веруваат дека можат да стигнат до самиот крај.

Репрезентацијата игра и со силен емотивен мотив. Играчите сакаат успехот да му го посветат на нивниот трагично починат соиграч Диого Жота, кој минатата година загина во сообраќајна несреќа. Во португалскиот табор сметаат дека токму тоа дополнително ги сплотило.

Од другата страна е селекцијата на Шпанија, која од натпревар во натпревар изгледа сè посигурно. Шпанците постепено ја темпираат формата и важат за една од репрезентациите што може да стигне до самиот финиш на турнирот.

Натпреварот започнува во 21:00 часот.

САД со огромна шанса, Белгија незадоволна

Вториот спектакл го носи дуелот меѓу домаќинот САД и Белгија.

По елиминацијата на Мексико и Канада, Американците останаа единствениот домаќин во нокаут-фазата и пред својата публика ќе се обидат да обезбедат место меѓу осумте најдобри.

Добра вест за селекторот Маурицио Покетино е што најдобриот напаѓач Флоријан Балогун доби дозвола да настапи, иако на претходниот натпревар заработи директен црвен картон. Според вообичаените правила, тоа носи автоматска суспензија од еден натпревар, но ФИФА донесе поинаква одлука.

Белгија веднаш реагираше со приговор, но засега останува на сила одлуката Балогун да биде во составот на САД, што може да има големо влијание врз исходот на натпреварот.

Победниците од дуелите Португалија – Шпанија и САД – Белгија ќе се сретнат во четвртфиналето, кое е закажано за 10 јули во Лос Анџелес.

Поврзани содржини