ПИЈАНИ ПЛОВЕЛЕ ПО ЕЗЕРОТО Охридската полиција евидентираше над 50 прекршоци во еден ден
На Охридското Езеро во акциска контрола се откриени 52 прекршоци, а девет лица управувале пловни објекти под дејство на алкохол, соопштија надлежните институции.
Во рамки на засилени летни контроли, вчера (05.07.2026) беше спроведена акциска контрола на пловните објекти во водите на Охридското Езеро, при што биле констатирани вкупно 52 прекршоци, а девет лица управувале пловни објекти под дејство на алкохол.
Акцијата ја реализираа полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, во соработка со Регионалниот центар за гранични работи Запад и инспектори од Капетанија на пристаништа Охрид.
Контролите биле спроведени согласно одредбите од Законот за внатрешна пловидба, при што биле проверени вкупно 63 пловни објекти.
При извршената контрола, кај 31 пловен објект и 31 лице биле утврдени различни неправилности, меѓу кои: недостиг на задолжителна опрема, управување нерегистрирани или необележани пловни објекти, управување за време на забрана, управување без одобрение за пловидба, како и превезување поголем број патници од дозволеното.
Исто така, биле регистрирани и случаи на неносење пловидбена дозвола.
По извршеното алкотестирање, кај девет лица е утврдено присуство на алкохол додека управувале пловни објекти.
Дополнително, кај пет лица кои вршеле изнајмување педалинки, било констатирано нецелосно почитување на безбедносните правила при изнајмувањето.
Од надлежните институции информираат дека ваквите акциски контроли ќе продолжат и во текот на летната сезона, со цел доследно почитување на законските одредби и зголемување на безбедноста на водите на Охридското Езеро.