МАСОВЕН РУСКИ НАПАД ВРЗ КИЕВ, НАЈМАЛКУ 9 ЗАГИНАТИ Руската одбрана, пак, пресретнала 519 украински дронови
Министерството за одбрана на Русија потврди дека во текот на ноќта бил извршен масовен напад како одговор на украинските напади, таргетирајќи ја одбранбената индустрија и енергетските претпријатија во Киев и во околниот регион.
Руски ракети и дронови го опустошија украинскиот главен град рано утрово, при што загинаа најмалку девет лица, а повредени се 46 луѓе, соопшти на Телеграм шефот на киевската градска воена управа, Тимур Ткаченко.
Спасувачките тимови извлекуваа станари од зградите оштетени во ноќниот напад, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Меѓу загинатите се и две лица чии тела спасувачките служби ги извлекоа од тешко оштетена станбена зграда во историскиот кварт Подилски, информира Ткаченко.
Само во историскиот кварт Подилски погодени се четири станбени згради, изјави шефот на воената управа.
Низа експлозии се слушнаа во главниот град и околината, изјавиле сведоци, додавајќи дека противвоздушната одбрана дејствувала против руските дронови.
Во соседна Полска накратко полетаа борбени авиони како превентивна мерка.
Во меѓувреме Руската противвоздушна одбрана (ПВО) соопшти дека во текот на ноќта соборила 519 украински дронови над руските региони.
Во соопштението се наведува дека украинските дронови биле уништени над Белгородската, Псковската, Новгородската, Брјанската, Курската, Орловската, Тулската, Тверската, Јарославската, Воронежската, Смоленската, Калушката, Рјазанската и Липецката област.
Се истакнува дека украински дронови биле соборени и над Ростовската, Самарската, Саратовската, Волгоградската и Ленинградската област, како и над Краснодарскиот крај.
Министерството за одбрана на Русија потврди дека во текот на ноќта бил извршен масовен напад како одговор на украинските напади, таргетирајќи ја одбранбената индустрија и енергетските претпријатија во Киев и во околниот регион, како и инфраструктурата на воените аеродроми во Дњепропетровската, Полтавската, Черкаската, Черниговската и Киевската област.
Во соопштението се наведува дека руските вооружени сили го извршиле масовниот удар користејќи прецизно оружје со голем дострел од копно, воздух и море, како и дронови. Во соопштението се тврди дека во тие напади се оштетени воено-индустриски комплекси, објекти за гориво и за енергетската индустрија во Киев и во Киевската област, како и инфраструктурата на воените аеродроми во областите.
Претседателот Володимир Зеленски претходно ги предупреди жителите на Киев за претстоен руски напад. Зеленски во своето вечерно видеообраќање рече дека во духот на рускиот претседател Владимир Путин е да изврши таков напад „веднаш по Денот на независноста на Америка и пред самитот на НАТО во Анкара“.