ИЗГАСНАТИ СЕ ПОЖАРИТЕ ВО ШТИП И ВО ПРОБИШТИП Се истражува дали се подметнати
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов апелира сопствениците на викендички, стари и на напуштени куќи навреме да ги исчистат дворовите.
Чистење на двор или спој на лабави жици меѓу две бандери се првичните индиции за причините за пожарот што вчера попладне избувна на тврдината Исар во Штип, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов денеска во Штип.
Тој рече дека се утврдува што точно го предизвикало пожарот и дека се истражува пожарот кај штипската Млекара, за кој, како што рече, има сомнеж е подметнат.
-Пожарот кој што изби на Исарот имаме индиции дека е настанат поради чистење на двор на некоја од куќите, но исто така има одредени индиции дека настанал поради допирање на лабави жици помеѓу две бандери. Се работи на прецизирање на причинителите, но како и да е ја користам приликава да упатам апел до сите граѓани да бидат внимателни и никаде никогаш да во текот на летото да не палат оган на отворен простор. Палењето оган од било кој мотив, дали да се зачисти дворот, понатаму земјоделците да ги зачистат своите стрништа, сточарите да ги исчистат своите пасишта некои да направи скара или друг мотив, може да предизвика пожар со катастрофални последици, како што на пример е пожарот на Исарот. Иако не е нанесена голема штета, сепак го унакази овој карактеристичен рид кој што се наоѓа веднаш до градот. Апел и до граѓаните, доколку забележат разлабавени жици помеѓу бандерите, или евентуално далноводи тоа да го пријават во ЕВН или на бројот за итни случаи 112 – рече Ангелов.
Ангелов апелираше и сопствениците на викендички, стари и на напуштени куќи навреме да ги исчистат и уште подобро изораат дворовите.
-При избивањето во места надвор од градовите, во близина на селата, постои голема можност огнот да дојде до овие полунапуштени села, кои што немаат жители или има по неколку возрасни лица. Доколку граѓаните ги исчистат своите дворови и ја искосат трева, уште подобро да ги изораат или да ги поминат малку со мотика, на тој начин ќе спречат пожари – вели Ангелов.
Тој додаде дека пожарот во општина Пробиштип е целосно изгаснат, а во неговото гаснење беа вклучени три ер трактори, како и Противпожарни единици од неколку градови и од Доброволните друштва од Кочани, Пробиштип и Виница.