ПЕРУ ГО ТРЕСЕ ПОЛИТИЧКИ СКАНДАЛ, ОБВИНЕНИЈА ЗА ИЗБОРЕН ФАЛСИФИКАТ Кеико Фуџимори победи „за влакно“ и стана претседателка
Нејзиниот противкандидат, левичарскиот пратеник Роберто Санчез, освои 49,865 отсто од гласовите, што значи дека разликата изнесувала околу 50.000 гласови од вкупно 18 милиони гласачи.
По повеќенеделни протести, обвинувања за изборна измама и пребројување на оспорени гласачки ливчиња во исклучително тесна трка, конзервативката Кеико Фуџимори во петокот официјално беше прогласена за победничка на претседателските избори во Перу.
Фуџимори во вториот круг од изборите, одржан на 7 јуни, освои 50,135 отсто од гласовите и во својот четврти обид обезбеди претседателски мандат. Нејзиниот противкандидат, левичарскиот пратеник Роберто Санчез, освои 49,865 отсто од гласовите, што значи дека разликата изнесувала околу 50.000 гласови од вкупно 18 милиони гласачи.
– Ќе ги утврдиме сите најдобри практики, иницијативи и проекти кои дале резултати за да можат да продолжат да се спроведуваат – изјави Фуџимори во седиштето на својата партија, опкружена со соработници. Таа додаде дека „денес почнува ново поглавје за Перу – период на одговорност, дијалог и конкретни резултати со кои ќе ја вратиме довербата во нашите институции“.
Оваа тесна победа претставува своевиден пресврт во однос на изборите во 2021 година, кога Фуџимори изгуби од тогашниот левичарски претседател Педро Кастиљо со околу 45.000 гласови разлика. Кастиљо во 2022 година беше разрешен и затворен по обид за распуштање на Конгресот. Санчез се смета за политички наследник на Кастиљо и најави дека нема да ја признае владата на Фуџимори, тврдејќи – без приложени докази – дека на изборите била извршена измама.
Поддршката најмногу ја добил во руралните делови на Перу, каде во раната фаза на пребројувањето бил во водство, а тесна предност имал и меѓу гласачите во самата земја. Фуџимори, од друга страна, остварила убедлива предност во главниот град Лима и меѓу гласачите во странство, што на крај ѝ ја донело победата.
Долготрајното и неизвесно пребројување дополнително ја откри длабоката политичка поларизација и нестабилност во земјата, која во последната деценија доведе до смена на повеќе претседатели.
Кога на 28 јули ќе ја преземе должноста, Фуџимори ќе стане десеттата претседателка на Перу од 2016 година. Ќе го наследи привремениот претседател Хосе Балказар, кој на чело на државата дојде во февруари по низа сменувања на претседатели поради обвинувања за корупција или злоупотреба на овластувања.
Нејзината победа го потврдува продолжувањето на јакнењето на десницата во Латинска Америка. На новоизбраната претседателка веќе ѝ честитаа аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и чилеанскиот Хосе Антонио Каст. Американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, ѝ честиташе на Фуџимори, наведувајќи дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп со нетрпение очекува продлабочување на соработката со Перу во областа на безбедноста, инвестициите и трговијата. Победата позитивно се одрази и на финансиските пазари, кои претходно биле вознемирени од можноста за победа на Санчез.
Кеико Фуџимори (51) е ќерка на починатиот претседател Алберто Фуџимори, кој владееше со Перу со цврста рака од 1990 до 2000 година. За време на неговиот мандат земјата ги порази маоистичките бунтовници и ја стабилизира хиперинфлацијата, но семејството Фуџимори и денес предизвикува длабоки поделби во перуанското општество.
Алберто Фуџимори одлежа 16 години затвор поради кршење на човековите права, додека Кеико со години беше под истрага поради наводно незаконско финансирање на изборни кампањи. Обвиненијата беа отфрлени минатата година. За време на истрагата, меѓу 2018 и 2020 година, повеќепати беше приведувана и помина речиси година и пол во притвор.