ПОТВРДЕНА ПРЕСУДАТА ОД 12 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВ Апелација му ја одби жалбата, ќе одговара за самоубиството на сопругата Ивана
На 2 март Ивана Јовановска се фрли од 6. кат во скопската населба Тафталиџе, понесувајќи ја во смрт и 6-годишната ќерка Катја, за што на СТојанче Јованов му се судеше за 3 кривични дела.
Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на Стојанче Јовановски, кој беше првостепено осуден дека ја навел сопругата Ивана Јовановска на самоубиство.
„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека, постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-549/26, по одржана јавна седница на 18.6.2026 година, донесе пресуда со која ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот Стојанче Јовановски од Скопје и ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.551/26 од 7.5.2026 година“ соопшти Апелациониот суд.
Од Судот најавуваат дека ќе биде објавена целата одлука.
На 2 март Ивана Јовановска се фрли од 6. кат во скопската населба Тафталиџе, понесувајќи ја во смрт и 6-годишната ќерка Катја.
Кривичниот суд во мај го прогласи за виновен обвинетиот Стојанче Јовановски и му изрече максимална казна затвор во траење од 12 години за трите кривични дела поврзани со континуирано семејно насилство кое резултираше со трагична смрт на неговата сопруга и нивната малолетна ќерка.
Судот го осуди Јовановски за 3 кривични дела, односно, 5 години затвор за Телесна повреда, 3 години за Загрозување на сигурноста и 5 години затвор за Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Сите три дела се споени во вкупна затворска казна од 12 години.
Според пресудата, на 2 март, во периодот од 11 до 12:20 часот, на повеќе локации, обвинетиот со умисла вршел семејно насилство и телесно ја повредил својата сопруга Ивана. Истиот ден, меѓу 12:45 и 13:35 часот, тој продолжил со насилството, сериозно ѝ се заканувал и ѝ предизвикал чувство на несигурност и страв.
Во судската постапка е утврдено дека во периодот од 2023 до 2026 година, на повеќе локации во Скопје, како и во нивниот дом, обвинетиот сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која се наоѓала во материјална зависност од него.
Ваквото континуирано насилство кај оштетената предизвикало тешка психичка вознемиреност и чувство на безизлезност. Како директна последица на тоа, таа извршила самоубиство, скокајќи од тераса заедно со нивната ќерка.