ЛАРИН Ѝ ГО ЗЕДЕ СЛАВЈЕТО, НО НЕ И БОДОТ НА БИХ „Змејовите“ ремизираа со домаќинот во Торонто

Избраниците на Сергеј Барбарез водеа со голот на Лукиќ, Канада долго притискаше, а бодот го спаси Кајл Ларин во завршницата.

58

Босна и Херцеговина освои бод на стартот од Светското првенство, откако одигра 1:1 против Канада во натпревар од Групата Б во Торонто.

Избраниците на Сергеј Барбарез поведоа во 21. минута преку Јово Лукиќ, кој на својот трет настап за репрезентацијата го постигна дебитантскиот гол во националниот дрес.






Голот на Јово Лукиќ долго време изгледаше доволен за големо славје на БиХ против еден од домаќините на Мундијалот, но резервниот играч Кајл Ларин во 78. минута ги врати Канаѓаните во игра за 1:1.

Колашинац и Васиљ ја спасуваа БиХ

Канада во второто полувреме целосно ја презеде иницијативата и постојано притискаше кон голот на Никола Васиљ.

Во 54. минута Сеад Колашинац ја спаси БиХ од сигурен гол, откако ја исфрли топката од самата гол-линија по акцијата на Ларјеа.

Само една минута подоцна можеше да стигне казната за Канада. Демировиќ остана сам пред голот, но предолго се двоумеше и не успеа ниту да шутира, па одбраната на домаќинот расчисти во корнер.

Во 67. минута повторно беше опасно пред босанскиот гол. По центаршут од левата страна, Олувасеји шутираше со глава, но Катиќ интервенираше на самата гол-линија.

Ларин ја врати Канада во живот

Притисокот на домаќините конечно вроди со плод во 78. минута.

Само две минути откако влезе во игра, Ларин ја затресе мрежата на БиХ. Коне повлече низ средината, Промис со еден допир му ја продолжи топката, а канадскиот напаѓач прецизно погоди за 1:1.

Ларин остана во дозволена позиција, а одбраната на БиХ задоцни со реакцијата.

Бод за почеток на Мундијалот

Израмнувањето внесе дополнителна драма во завршницата, а Канада доби нова енергија во обидот да стигне до целосен пресврт.

Судијата покажа шест минути продолжение, но во финишот ниту една од двете селекции не сакаше премногу да ризикува. Васиљ сигурно интервенираше по последните нафрлувања на Канаѓаните, а БиХ остана дисциплинирана во одбраната.

На крајот, „змејовите“ освоија вреден бод против еден од домаќините на Светското првенство, додека Канада ќе жали што големата иницијатива ја претвори само во реми.

Поврзани содржини