ЈАНША ЈА КРЕНА „ШЕНГЕН“ РАМПАТА ЗА ХРВАТСКА Пленковиќ слави, Брисел го поздрави потегот

Новата словенечка влада на Јанез Јанша ги повлече полицајците од премините кон Хрватска и Унгарија, а Брисел оцени дека станува збор за важен чекор кон враќање на целосната слобода на движење во Шенген.

212

Словенија повторно ги отвори вратите кон Хрватска и Унгарија без гранични контроли, ставајќи крај на мерките што беа воведени во октомври 2023 година поради безбедносни и миграциски ризици.

Од полноќ беа отстранети сообраќајната сигнализација и опремата поврзана со контролите, а полициските службеници се вратија во своите матични единици.






Крај на мерките воведени во 2023 година

Новата словенечка влада предводена од Јанез Јанша донесе одлука за укинување на привремените контроли кон Хрватска и кон Унгарија, кои претходните власти повеќепати ги продолжуваа.

Контролите беа воведени во октомври 2023 година поради зголемените миграциски притисоци на балканската рута и безбедносните ризици поврзани со кризата на Блискиот Исток.

Иако контролите најчесто беа формални и без детални проверки на документи, на поголемите премини често создаваа колони во периоди на зголемен сообраќај.

Безбедноста нема да биде намалена

Словенечките власти уверуваат дека безбедносната состојба нема да се влоши. Наместо контроли на граничните премини, полицијата ќе применува таканаречени компензаторни мерки, односно мобилни и случајни проверки врз основа на проценка на ризик.

Според словенечката полиција, враќањето на службениците во редовните единици ќе овозможи повеќе ресурси за справување со нелегалната миграција и со новите обврски што произлегуваат од Европскиот пакт за миграција и азил.

Пленковиќ задоволен од одлуката

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја поздрави одлуката на словенечката влада, оценувајќи дека таа овозможува целосно функционирање на шенгенскиот простор меѓу двете земји.

Тој порача дека Хрватска и Словенија ќе продолжат да соработуваат во борбата против нелегалната миграција и против прекуграничниот криминал.

Поддршка и од Брисел

Одлуката ја поздрави и европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, кој оцени дека станува збор за доказ оти реформите во Шенген ја зајакнуваат довербата меѓу земјите-членки.

И покрај словенечкиот потег, осум држави и натаму задржуваат привремени контроли на своите внатрешни шенгенски граници. Меѓу нив се Германија, Франција, Австрија, Италија, Данска, Холандија, Норвешка и Шведска.

Поврзани содржини