📽️ ВАНДАЛИ ВО КАРПОШ ДЕМОЛИРАЛЕ КАНДЕЛАБРИ, КЛУПИ… Малолетници дивееле во парк, Општината бара одговорност

Општина Карпош алармира за зачестени случаи на вандализам низ населбите, откако последниот инцидент со малолетници кои рушеле канделабри заврши во полиција. Од Општината апелираат до родителите и граѓаните да помогнат во зачувување на јавниот имот.

354

Општина Карпош изрази сериозна загриженост поради зачестените случаи на вандализам и уништување на урбаната опрема и детските игралишта на целата нејзина територија, предупредувајќи дека ваквите постапки не претставуваат само материјална штета, туку и сериозна опасност за безбедноста на граѓаните.

Од локалната самоуправа информираат дека во изминатиот период биле евидентирани бројни оштетувања на јавниот имот, меѓу кои клупи, корпи за отпадоци, паркинг-држачи за велосипеди, детски и спортски реквизити, како и друга урбана опрема.






„Во изминатиов период е евидентирано оштетување на клупи, корпи за ситен отпад, паркинг држачи за велосипеди, детски и спортски реквизити и останата урбана опрема. Последниот случај на кршење на канделабра, на највандалски начин, од страна на малолетни деца, дополнително ја отвора потребата од поголема грижа, одговорност и превенција. Покрај нанесената материјална штета, овде станува збор и за сериозно загрозување на безбедноста по сите граѓани на јавниот простор“, соопштија од Општина Карпош.

Од Општината посочуваат дека сите досега регистрирани случаи биле пријавени во Полициската станица Карпош, од каде добиле уверување дека ќе има засилено полициско присуство на терен и активности за расчистување на инцидентите.

„Апелираме до сите граѓани за совесно и одговорно однесување кон урбаната опрема и јавниот простор како наш заеднички имот и навремено пријавување на секој случај на вандализам до надлежните служби. Апелираме и до родителите за поголема информираност за движењето и однесувањето на нивните деца, како и разговори за значењето од зачувувањето на јавниот простор и последиците од несоодветното однесување. Да го чуваме заедничкиот простор затоа што јавниот имот е одговорност на сите нас“, порачаа од Општина Карпош.

Реакцијата на локалната самоуправа следува откако синоќа жител на Карпош објави видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како група малолетници насилно уриваат канделабри во еден од парковите во општината.

Случајот предизвика бројни реакции кај граѓаните, кои бараат поголема контрола и санкции за ваквото однесување, особено кога станува збор за уништување на јавниот имот што секојдневно го користат децата и семејствата.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Plusinfo.mk (@plusinfo.mk)

Поврзани содржини