ЛИСТИТЕ ЗА ОПЕРАЦИИ СЕ „НЕЧИСТИ“, ИМА И ПОЧИНАТИ ПАЦИЕНТИ Алиу открива сериозни проблеми во системот
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека во листите на чекање за операции се евидентирани и починати пациенти, а нивното ажурирање мора да се врши заеднички со здравствените установи.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека на листите на чекање за хируршки интервенции се евидентирани и починати пациенти, нагласувајќи дека нивното ажурирање мора да се спроведува рачно и во координација меѓу Министерството и здравствените установи.
Тој посочи дека до Министерството пристигнуваат индиции и сомнежи од пациенти за можни злоупотреби со листите на чекање, но дека засега тие не можат јавно да се објават поради недоволна документација.
– Има случаи кога пациент, на пример со онколошко заболување, се враќа бидејќи лабораториските резултати не се соодветни за интервенција, а потоа во друга лабораторија се покажува дека состојбата е поинаква. Овие ситуации мора да се анализираат и да се детектираат можни злоупотреби – рече Алиу.
Тој нагласи дека системот за листи на чекање мора постојано да се „чисти“, бидејќи во него сè уште фигурираат пациенти кои починале.
– Имаме пациенти кои, за жал, веќе не се меѓу нас и тие мора да се отстранат од листите. Тоа не може да го прави само Министерството, туку заедно со здравствените установи. Затоа имаме и наши вработени на терен кои учествуваат во ажурирањето – додаде министерот.
Алиу потсети дека во февруари е пуштен во употреба порталот operacii.zdravstvo.gov.mk, кој овозможува електронско следење на листите за елективни хируршки интервенции, со принцип „прв дојден – прв услужен“.
Тој информираше и дека системот за евиденција на работното време преку отпечаток од прст (finger print) е во пилот-фаза и засега функционира во Министерството за здравство и во три клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Инфективна клиника, Торакална хирургија и Трансфузиологија.
– Системот е во пилот-фаза. Има отпор кон промените, но ова е позитивен процес бидејќи ќе овозможи реална евиденција на работното време и прекувремените часови, а истовремено ќе го намали притисокот врз оние што навистина работат – изјави Алиу.
Министерот потсети и дека се работи на анализа за евентуално пренасочување на пациенти од јавниот во приватниот здравствен сектор, но дека за тоа сè уште нема конечни резултати.