УДРИЛ ВО ПОЛИЦИСКИ МОТОР, МУ НАШЛЕ ДРОГА И 100 ТАБЛЕТИ Скопјанец предизвикал хаос и повредил полицаец
Скопјанецот најпрво не застанал на знак за запирање, продолжил со бегство, а потоа удрил во полициски мотоцикл, при што повредил службеник – кај него подоцна биле пронајдени дрога и таблети.
26-годишен скопјанец е лишен од слобода откако со мотоцикл не застанал на знак за запирање, удрил во полициски мотоцикл и повредил полициски службеник, а при приведувањето кај него биле пронајдени дрога и други предмети.
Како што информираат од МВР, на 10.06.2026 година околу 18:20 часот на булеварот Партизански одреди во Скопје, Б.Б. (26) од Скопје не застанал на знак за запирање даден од полициски службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, кои биле со мотоцикли.
Наместо да застане, тој продолжил со движење, по што бил следен од полициските мотоцикли. Откако бил стигнат, според полицијата, тој намерно удрил во еден од полициските мотоцикли, при што двајцата паднале, по што го напуштил местото на настанот.
При падот полицискиот службеник се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“ за укажување лекарска помош.
Подоцна, околу 18:50 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, Б.Б. бил пронајден и лишен од слобода од страна на Единицата за интервентна полиција.
При неговото приведување, полициските службеници пронашле и одзеле марихуана и дигитална вага, а била откриена и торбичка со над 100 таблети, која, според МВР, осомничениот ја фрлил додека бегал.
Лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.