ИНФЛАЦИЈАТА? ЈА САКАМ Трамп убеден дека цените ќе се вратат на место по војната во Иран

Годишната инфлација во САД во мај достигна 4,2 отсто, додека цените на енергијата пораснаа за 23,5 проценти. Наместо загриженост, Доналд Трамп порача дека бројките се добри и дека економскиот удар од војната со Иран ќе се исплати.

250

Ја сакам инфлацијата, изјави Доналд Трамп откако новите податоци покажаа дека растот на цените во САД повторно забрзал и во мај достигнал 4,2 отсто. Американскиот претседател не само што не покажа загриженост, туку порача дека бројките биле добри и дека последиците од конфликтот со Иран вреди да се издржат.

Инфлацијата повторно стана една од главните политички и економски теми во САД. Трамп делумно ја доби довербата од гласачите со ветувања дека ќе го намали притисокот врз семејните буџети, но најновите податоци покажуваат спротивен тренд.






Годишната инфлација изнесувала 2,4 отсто во февруари, пред почетокот на конфликтот со Иран. Во март се искачила на 3,3 отсто, во април достигнала 3,8 отсто, а во мај пораснала на 4,2 проценти.

„Ја сакам инфлацијата“

Одговарајќи на прашање за новите бројки, Трамп не остави простор за дилеми околу својот став.

– Не, не, ја сакам. Бројките беа одлични – рече Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Американскиот претседател тврдеше дека Вашингтон продолжува да извлекува значителни количини нафта преку Ормускиот Теснец и покрај кризата во регионот. Според него, американските власти успевале да организираат транспорт без знаење на Техеран.

Трамп изјави дека само пред неколку дена биле изнесени 22 брода во текот на ноќта и без вклучени светла.

– Затоа нафтата е 85 долари за барел – рече тој.

„Мора да одиме и да нападнеме“

Трамп не криеше дека бил подготвен воените операции против Иран да предизвикаат потреси на пазарите и раст на цените на енергијата.

– Мразам што морам да ви го кажам ова, но Иран многу скоро ќе има нуклеарно оружје. Мора да одиме и да нападнеме – изјави американскиот претседател.

Според податоците на американското Биро за статистика на трудот, цените на енергијата во последните 12 месеци пораснале за 23,5 проценти. Бензинот поскапел за дури 40,5 проценти, што дополнително го зголемило товарот врз домаќинствата.

Растот на цените се очекува да биде една од клучните теми пред ноемвриските избори за Конгресот, кои ќе имаат големо влијание врз политичката сцена во САД.

„Знаете кој не ја сака инфлацијата?“

На изјавите на Трамп реагираше и сенаторот Берни Сандерс, кој го обвини претседателот дека е оддалечен од секојдневните проблеми на граѓаните.

„Знаете кој не ја сака инфлацијата, господине претседателе? Работничките семејства кои се мачат да платат бензин, храна и други основни потреби поради вашите катастрофални постапки“, напиша Сандерс на социјалните мрежи.

Поврзани содржини