ЗАБОРАВИВТЕ ДЕКА ВО ВАШЕ ВРЕМЕ ИМАШЕ ПРОТЕСТИ И НЕИСПЛАТЕНИ ПЛАТИ? Жестока собраниска расправија за барањето за интерпелација за Трипуновски

Потсетувам на фактите од вашето владеење. 15-ти април 2022 година кочанските оризопроизводители излегоа на предупредувачки протест. 16-ти август 2022 година земјоделците ја блокираа Струмица поради високите цени на репро материјалите и ниските откупни цени. 20ти август 2022 кочанските оризопроизводители го блокираа патот Штип-Кочани поради незадоволството од ниските откупни цени на оризот, му рече пратеничката Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ на пратеникот Благој Бочварски од СДСМ во врска со состојбата во земјоделството.

187

На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова која упати реплика кон пратеникот Благоја Бочварски, обвинувајќи ја претходната власт за лошо менаџирање со земјоделскиот сектор и повеќегодишни проблеми со кои, како што рече, се соочувале земјоделците и институциите.

На седницата се расправаше за барањето на опозициски пратеници за интерпелација на актуелниот министер за земојоделство Цветан Трипуновски.






Петкова во своето обраќање истакна дека за време на раководењето на СДСM се случиле повеќе протести и блокади на земјоделци, наведувајќи конкретни датуми и настани поврзани со незадоволство од ниски откупни цени, високи трошоци и доцнења во исплатите.

– Почитуван колега Бочварски, во вашиот говор зборувавте за намалени субвенции за незадоволни земјоделци и за факти. Се јавив за реплика за да ве потсетам вас и јавноста како беше водено Министерството за земјоделие не толку одамна во ваше време и што правеа земјоделците во тој период. Мислите дека граѓаните брзо заборавија? Не, колега. Потсетувам на фактите од вашето владеење. 15-ти април 2022 година кочанските оризопроизводители излегоа на предупредувачки протест. 16-ти август 2022 година земјоделците ја блокираа Струмица поради високите цени на репро материјалите и ниските откупни цени. 20ти август 2022 кочанските оризопроизводители го блокираа патот Штип-Кочани поради незадоволството од ниските откупни цени на оризот. 2 септември 2022, трет месец по ред над 500 вработени од АД Водостопанство немаат земено плата и се без здравствено и пензиско осигурување. Состојбата во АД водостопанство е алармантна и е потребно веднаш да се реагира, а секако не се реагираше – рече Петкова.

Петкова истакна дека во тој период биле присутни и финансиски неправилности поврзани со распределба на субвенции и поддршка за микропроизводители на вино, како и сомнежи околу спроведувањето на ИПАРД програмата. Таа ја спомена и т.н. „путер афера”, како и проблемите со контролите на цените и растот на цените на прехранбените производи, оценувајќи дека станува збор за период на сериозни економски предизвици.

– До крајот на вашиот мандат ги оставивте луѓето со неисплатени плати. Владата на ВМРО-ДПМНЕ со преземање на власта го реши овој проблем. Понатаму има уште, случајот со 820,000 евра финансиска поддршка за микропроизводители на вино во 2023. неправилности и политички влијанија во распределбата на средствата и проекти околу ИПАРД програмата, незаконска распределба на субвенции и грантови. Верувајте, граѓаните не ја заборавија и путер аферата поврзана со контролите на цените и инспекциските акции во периодот на двоцифрената инфлација и неконтролираниот раст на цените на прехранбените производи. Не заборавија и лозарите кои протестираа во Неготино барајќи повисоки цени за грозјето и така натаму. И после сите овие незадоволства, протести, скандали, имате образ да зборувате за некакви неправилности во работењето на министерот Трипуновски. Немате легитимитет да зборувате, затоа што народот пред две години си кажа кој треба да го води. Седете си мирно, ќе дојде ден на избори. Тогаш народот на Македонија повторно ќе каже кој треба да го води. Воедно сум сигурна нема да бидете вие и нема да биде СДСM – вели Петкова.

На истата седница пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски денес на собраниската седница истакна дека за да се зборува за работата и успешноста на министерот Трипуноски и да се бара интерпелација, најпрвин треба да се земе некоја референтна вредност за да види од каде се тргнало и на каде се оди, дали се оди нагоре или надолу, посочувајќи дека при преземање на односното министерство во 2024-тата година, затекната беше состојба во која 1600 луѓе од шумарство беа без плата четири месеци, 500-тини луѓе од водостопанство беа без плата пет месеци и тоа беше стартната позиција.

– Во Овчеполието знаете кој зеде најмногу земјиште, НИКОБ, што има врска со земјоделие или сакаа по добра цена да го земат, па да го трансформираат од земјоделско во градежно? – праша Здравковски и додаде:

– Има една фирма од Велес, Димекс, зема земјиште, државно на езеро со намера да направи апартмани со поглед на езерото, од земјоделско да го направи во градежно, и кога општина Велес не му дозволи-избега, го раскина договорот еднострано. Знаете дека овие земјоделци коишто живеат помеѓу Велес и Штип, во Овчеполието, не зедоа земјиште за обработка. Е сега тоа ќе се смени.

Пратеникот Здравковски образложи дека сега повторно се враќа методологијата во доделувањето на земјиштето преку бодување на близина на живеење и рече дека не може Везе Шари од Гостивар да земе 300 хектари земја, а некој од Ерџелија, од Мамутчево, од Каратманово, од Лозово или каде и да е, да нема пристап до тие земјоделски површини коишто му се позади куќата.

– За стоковите резерви, знаеме, претходно имаше една одлука во министерство преку еден Правилник од 2% калирање годишно, се качи на 8%. Разликата знаете во цена колку беше? 800,000 евра и се сомневаат до ден денес дека таа разлика и таа количина на пченица беше некаде извезена. За возврат на тоа милион и четиристотини завршија кај Мамас, во џепчето. Така се правеа бизнисите во ваше време.

На истата седница одговарајќи на обвинувањата министерот Трипуновски истакна дека во 2025 година извозот на земјоделски производи пораснал за 85 милиони евра, притоа давајќи повеќе статистики и споредби. Трипуновски вели дека повеќе не гледаме „како по земја се тркалаат преспанските јаболка и струмичките зелки“.

Трипуновски одговори дека „дворот беше премногу валкан и презадолжен – таква ситуација наследивме од вашите седум години власт“.

– Отворете го Фејсбук профилот на претходниот министер. Тој нема одржано средби со земјоделските производители колку што јас имам одржано за два месеца. Нема крај што не сум го посетил. Ако толку сте убедени дека имате поддршка и дека толку Трипуновски лошо менаџира, одберете село, време и медиум што ќе го поканите, кажете каде сакате, ќе дојдам со вас. Да видиме како ќе поминете вие, а како ќе поминам јас. Ви давам отворена покана – рече Трипуновски.

Пратеничката Јулија Тушевска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека политиките на СДСМ ги доведоа земјоделците на раб на опстанок со неисплатени субвенции, пад на сточниот фонд, проблеми со откупот на земјоделските производи.

Oпозициските пратеници го обвинуваат актуелниот министер Трипуновски дека намалил дел од субвенциите во земјоделието и дека е вмешан во корупциски скандали. Пратеничката Даниела Николова од СДСМ посочи дека барањето за интерпелација е гласот на илјадници земјоделци и нивните семејства.

ИЗВОЗОТ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ВО 2025 СЕ ЗГОЛЕМИЛ ЗА 85 МИЛИОНИ ЕВРА „Веќе не гледаме како се тркалаат преспански јаболка и струмички зелки…“

Поврзани содржини