РЕАЛ ПОНУДИ 150 МИЛИОНИ ЕВРА, НО ДОБИ „НЕ“ Атлетико не сака ни да слушне за продажба на Алварез
Реал Мадрид испратил понуда од 150 милиони евра за Хулијан Алварез, но Атлетико Мадрид ја одбил и се повикал на откупната клаузула од 500 милиони евра во договорот на аргентинскиот напаѓач.
Новинарски текст
Реал Мадрид не успеа да го ангажира аргентинскиот напаѓач Хулијан Алварез, откако Атлетико Мадрид ја одби понудата вредна 150 милиони евра за една од своите најголеми ѕвезди.
„Кралскиот клуб“ испратил официјална понуда по состанок на Управниот одбор, но од Атлетико Мадрид не сакале ниту да преговараат за трансферот.
„Атлетико изрази благодарност за предлогот и во рамките на добрите односи меѓу двата клуба ја одби понудата. Притоа се повика на откупната клаузула во договорот“, соопштија од Реал Мадрид.
Според шпанскиот весник „Марка“, откупната клаузула на Алварез изнесува дури 500 милиони евра, што практично го прави недостижен за потенцијалните купувачи. Аргентинецот има договор со Атлетико до 2030 година.
Алварез минатото лето пристигна во Атлетико Мадрид од Манчестер Сити во трансфер вреден 75 милиони евра и веднаш се наметна како еден од клучните играчи во тимот. Во својата прва сезона одигра 49 натпревари и постигна 20 голови.
Напаѓачот е стандарден и во репрезентацијата на Аргентина, за која на 51 натпревар постигнал 14 погодоци.
Со одбивањето на понудата од 150 милиони евра, Атлетико Мадрид испрати јасна порака дека нема намера да се раздели со својот најдобар стрелец, особено не во корист на градскиот ривал Реал Мадрид.