ДРАМА ВО ОРМУЗ, ПАДНА АМЕРИКАНСКИ „АПАЧИ“ Пилотите спасени, ги извлече дрон во форма на глисер
Американски хеликоптер AH-64 Apache се урна во близина на Ормускиот Теснец, додека траат тензиите меѓу Иран и Израел. За првпат при спасување се искористени поморски дронови со димензии слични на глисер.
Американски борбен хеликоптер AH-64 Apache се урна во близина на Ормускиот Теснец, еден од најчувствителните и најважни поморски премини во светот. Информацијата доаѓа во момент кога Блискиот Исток сè уште е под тензии по неодамнешните судири меѓу Иран и Израел.
Американски официјални лица за Си-Би-Ес Њуз изјавиле дека пилотите биле спасени со помош на беспилотно пловило управувано од Работната група 59, единица која се бави со поморски операции, пренесува Би-Би-Си.
Засега не е објавено каков тип дрон бил употребен, но американски претставник за Еј-Би-Си Њуз изјавил дека станува збор за пловило со изглед и димензии слични на глисер.
Остана прашањето и дали хеликоптерот бил гонет од непријателски оган.
Спасени за помалку од 2 часа
Американската Централна команда соопшти дека хеликоптерот се урнал во близина на брегот на Оман додека извршувал патролна мисија во регионалните води.
Според соопштението, екипажот бил пронајден и извлечен во рок од околу два часа.
Во спасувачката операција учествувале американската морнарица, воздухопловните сили, 82-та воздушно-десантна дивизија и Работната група 59 на Петтата флота на САД.

„Пилотите се добро“
Американската војска сè уште не соопштила што ја предизвикало несреќата. Се истражува дали хеликоптерот претрпел механички дефект, технички проблем или бил погоден од непријателски оган.
Претседателот на САД Доналд Трамп потврди дека членовите на екипажот не се повредени.
– Пилотите се добро. Никој не е повреден. Ќе објавиме извештај утре, но пилотите се добро – изјави Трамп пред новинарите во Њујорк.
Тој истовремено повтори дека САД се блиску до можен договор со Иран и оцени дека во следните неколку дена може да има нов дипломатски напредок.
– Многу сме блиску до многу добар, силен и моќен договор. Ако почнеме со бомбардирање, многу луѓе ќе умрат. Кој го сака тоа? Јас не – додаде шефот на САД.
„Апачи“ – клучен во Теснецот
Хеликоптерите AH-64 Apache се меѓу најважните борбени летала на американската армија при блокадата на Теснецот.
Откако започна конфликтот меѓу САД и Иран тие се користат за патролирање и за заштита на поморските рути и надзор на испораките на иранска нафта.
Исто така, изминатите години овие летала имаа важна улога и во пресретнување дронови во Персискиот Залив.