АНГЕЛОВ СО НОВ ПЛАН ЗА ПОЖАРИТЕ Директорот ги повика пензионираните полицајци и војници да се вклучат во битката со огнот

Стојанче Ангелов најави ангажман на пензионирани полицајци, војници и поранешни припадници на безбедносните сили, кои по обука ќе помогнат во справувањето со пожарите низ државата.

94

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, најави дека ќе ангажира пензионирани полицајци и војници, како и лица кои на друг начин ги напуштиле полицијата и Армијата, за справување со пожарите во текот на летната сезона.

– Ќе побарам и полицајци, ова сѐ уште јавно не сум го објавил, ексклузивно го кажувам во вашата емисија. Станува збор за пензионирани полицајци или лица кои на друг начин ја напуштиле полицијата или Армијата, а кои ќе ракуваат со водните пумпи, односно со пумпите со кои се прскаат изгорените површини. За да немаме потреба од ангажирање локални пожарникари, бидејќи минатото лето на тие позиции поставувавме искусни пожарникари. Верувам дека по интензивната обука што ќе ја организираме и по учеството во помали и помалку ризични пожари, тие ќе стекнат доволно искуство за успешно да ја извршуваат оваа задача – изјави Ангелов во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.






Тој посочи дека освен пензионирани лица, можат да се пријават и поранешни вработени во полицијата и Армијата кои по друг основ ги напуштиле службите.

– Нека дојдат, нека помогнат на татковината и нека заработат средства кои воопшто нема да бидат за потценување – рече Ангелов.

Според него, во изминатите две години се набавени повеќе од 30 противпожарни возила и е зголемен бројот на пожарникари.

– Пожарите ќе почнат, но имаме доволно капацитети и нема потреба од паника. Ако се појават неколку пожари истовремено, државата има капацитет да испрати повеќе противпожарни единици и тие да бидат локализирани за неколку часа или денови. Проблемот настанува кога има голем број пожари во исто време. Се сеќавам на период кога имавме 66 пожари на отворен простор истовремено, а минатото лето бројката достигнуваше и до 45 или 46 пожари дневно. Околу 10 јуни секоја година започнува сезоната на сериозни пожари, иако бројот засега е мал. Откако овие лица ќе потпишат договори, секој од нив ќе задолжи конкретно возило. Така ќе имаме многу подобра организација, бидејќи секој што работи со едно возило најдобро ги познава неговите карактеристики и специфики – истакна Ангелов.

Поврзани содржини