„СИНОТ ЃОКО, СУДИЈАТА, ГО КОРИСТИ ТОЈ ПРОСТОР“ Таткото го издал судијата Ристов дека соѕиданите 350.000 евра се негови

Во јануари 2021 година, кога станал апелационен судија, Ѓоко Ристов во имотниот лист го навел својот и имотот на втората сопруга Симона. Пријавил стан на булеварот Јане Сандански во Скопје и возило „пасат“, а за сопругата Симона „опел астра“ и два кредита од вкупно три милиони денари.

476

Здравко Ристов, таткото на судијата Ѓоко Ристов во чија куќа беа најдени соѕидани 350.000 евра, им рекол на истражителите од Обвинителството дека синот Ѓоко од Скопје го користел тој простор во семејната куќа во Неготино, наведе обвинителката за гонење организиран криминал Искра Хаџи Василева, која денеска презентираше докази против апелациониот судија Ристов, кој е обвинет за прикривање имот и за перење пари.

Како што е познато, по неколку претреси во семејната куќа во Неготино на вториот кат во кујната беа најдени непријавени, заѕидани 350.000 евра во шуплина зад кујнските плочки.






Обвинителката Хаџи Василева презентираше податоци од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за имотната состојба на Ѓоко Ристов и за неговата сопруга Симона Зориќ-Ристова, вработена во Државното правобранителство на Македонија.

Во 2008 додека бил судија во Кривичниот суд, Ристов приложил имот на тогашната сопруга Ангелина Ристова, и тоа 200 акции во фирма и над 800.000 денари на сопругата.

Во јануари 2021 година, кога станал апелационен судија, во имотниот лист го навел својот и имотот на втората сопруга Симона. Пријавил стан на булеварот Јане Сандански во Скопје и возило „пасат“, а за сопругата Симона „опел астра“ и два кредита од вкупно три милиони денари.

Сопругата Симона Зориќ-Ристова, државна правобранителка, во својот имотен лист го пријавила станот на сопругот на булеварот Јане Сандански, возилата и кредити. Поднела Изјава на интереси, дека е членка на Управниот одбор (УО) на хорот „Менада“, како и дека мајка ѝ Весна Зориќ е член на УО на Клиничкиот центар во Тетово. Навела и дека зела кредит од над 2,5 милиони денари од „Охридска банка“ за стан во Охрид што го купила од фирмата „Алма комерц“ на Љупчо Пецов-Ѓаволот. Судијата Ристов одлучуваше за притворот на Ѓаволот како апелационен судија, а го судел и претходно како основен судија. Станот потоа го стекнал татко ѝ на Зориќ-Ристова, Ивица Зориќ, кој го презел и кредитот во кој кокредитобартели се и сопружниците Симона и Ѓоко.

Управителот на „Алма комерц“ Љупчо Пецов е заложник, кој им потпишал да го дадат станот под хипотека, а за истото тоа донел и полномошно со кое го овластува Ристов да го застапува друштвото секаде кај ќе има потреба овој имот да биде гаранција за земениот кредит од таткото Ивица Зориќ. Ристов се јавува како полномошник на Алма Комерц, а Симона како полномошник на Ивица Зориќ.

Судијата Ристов пријавил плата од 62.000 денари, а неговата сопруга над 62.000 денари.

На денешното рочиште беше пуштена снимка од претресот.

„Во кујнскиот простор се забележани аномалии во градежните активности. Разлика и во лепакот на плочките. На оваа снимка ќе видите како кршат истражителите и како се појавува дупката со завиткани работи со фолии. На прашање дали се ова опасни материи и кој ги ставил тука, таткото Здравко одговара дека тоа не се опасни материи. На прашање кој ги ставил тука, тој вели можеби синот. Кој син? Синот Ѓоко, судијата. Синот Ѓоко од Скопје го користи овој простор“, цитираше обвинителката, пренесе СДК.мк.

Обвинителката ги изведе како доказ и рачно напишаните ливчиња со множење на количината на банкнотите со нивната вредност, со пресметан резултат, сума, за секое најдена ролничка пари завиткана во алуминиумска фолија, за да се заштитат од глувци.

Обвинителката презентираше дека во 2017 обвинетиот Ристов одлучувал по жалба од осудениот Љупчо Пецов која ја уважил и го преиначил решението во полза на Пецов.

Таа презентираше снимки од средби на осудениот поранешен државен правобранител Фехми Стафа со судијата Ѓоко Ристов. Стафа како адвокат го застапуваше Пецов кај судијата Ристов. Сестрата на обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот го пријави Стафа за примање поткуп, пари за кои тој тврдел дека му ги дава на судијата Ристов за да одлучи во корист на нејзиниот брат.

Стафа призна вина и беше осуден.

Поврзани содржини