ЌЕ СЕ ПРОШИРИ УЧИЛИШТЕТО „ДИМИТАР БЕРОВСКИ“ ВО ХРОМ Поставен камен темелник за доградба
Училиштето ќе добие 8 нови училници и 770 квадратни метри простор, а со тоа и можности да организира настава во една смена.
Во населбата Хром, во Ѓорче Петров денеска беше поставен камен-темелник за доградба на зградата на основното училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, со која училиштето ќе добие 8 нови училници и 770 квадратни метри простор, а со тоа и можности да организира настава во една смена.
На церемонијата присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, претставници на локалната самоуправа, како и наставниот кадар, ученици и родители.
Ова е трето училиште во Ѓорче Петров кое добива доградба во период од само еден месец.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров истакна дека инвестициите во образованието се инвестиции во иднината на децата и во развојот на целата општина.
– Продолжуваме со силно темпо да вложуваме таму каде што најмногу вреди – во децата, во училиштата и во иднината на Ѓорче Петров. Доградбата на ООУ „Димитар Беровски“ е уште еден конкретен резултат од нашата посветеност да обезбедиме подобри, посовремени и поквалитетни услови за образование – изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
Градоначалникот додаде дека Општина Ѓорче Петров останува фокусирана на реализација на капитални проекти во сите населени места, со посебен акцент на образованието, инфраструктурата и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.