СОБРАНИЕТО ЌЕ ЗАШТЕДИ 53,4 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ОД ПЛАТИТЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ Неискористени 6 милиони денари за привремени вработувања
Членовите на буџетскиот Совет, со пет гласови „за“, донесоа одлука и дадоа согласност за изменување на Буџетот на Собранието.
Буџетскиот совет на македонското Собрание донесе одлука со која даде согласност за изменување на Буџетот на Собранието.
Претседателот на буџетскиот совет, пратеникот Антонијо Милошоски посочи дека предложените измени на буџетот на Собранието за 2026 година се поврзани со неколку програми и потпрограми.
– Со предлозите се менуваат ставките плати и придонеси и во буџетот ќе се изврши вкупно намалување од 53.400.000 денари, а тоа е намалување поврзано со намалувањето на коефициентите плати на пратениците. Потоа, за 6 милиони денари се намалува ставката за привремени вработувања поради нереализирани привремени вработувања, а се намалува и ставката – вложувања и нефинансиски средства за 11 милиони денари поврзани за средства кои не се искористени за мрежниот информациски систем и софтвер, како и системот за управување со документи кој ќе почне да се применува во 2026 година, но плаќањето ќе се реализира во 2027 година. Со измените предвидени се намалувања и на други ставки – образложи Милошоски.
Членовите на буџетскиот Совет, со пет гласови „за“, донесоа одлука и дадоа согласност за изменување на Буџетот на Собранието, а го прифатија и предложениот Правилник за начинот и условите за користење на обезбедените средства наменети за Советот за граѓански надзор, за кој на денешната седница говореше претседателката Катерина Крстевска Савовска.
Како што е познато, новиот состав на Советот за граѓански надзор беше избран на 18 февруари оваа година.