ДЕМАНТ • НЕ Е ТОЧНО ДЕКА СУМ ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЛ СОВЕТНИЧКАТА ФУНКЦИЈА Сите мои отсуства од работа се оправдани и евидентирани, тврди битолскиот советник Борче Корлевски

На електронската пошта на Редакцијата на порталот Плусинфо на 7 јуни 2026 година во 17.30 часот пристигна Барање за демант, за извинување и за јавно повлекување на објава, од страна на г-н Борче Корлевски од Битола. Во законскиот рок наведен и во демантот, во целина го објавуваме текстот на демантот, како и одговор на Редакцијата.

118

Демант на Борче Корлевски на објава на Плусинфо

Почитувани,






Во врска со објавата на вашиот прилог објавен на Вашиот веб портал Плусинфо под наслов „Општински советник од Битола за четири години 700 дена не бил на работа цел мандат се „покривал“ со потврди од претседателката на Советот“,  согласно чл. 13 и 14 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, барам да го објавите следниот демнат, јавно да се извините и да го повлечите објавеното согласно Закон, во кое се наведени бројни невистини и клевети со единствена цел да го нарушите мојот личен и професионален углед преку пласирање на сериозни обвинувања без соодветна фактичка и правна основа.

Во текстот тенденциозно и злонамерно изнесувате голем број невистини и и информации што е спротивно на член 1 од Кодексот на новинарите на Македонија.

„Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

И спротивно на член 13 од Кодексот на новинари на Македонија, според кој „новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата,  меѓу веста и коментарот.“

Особено се спорни и неосновани наводите дека за време на мојот советнички мандат како советник во Општина Битола  сум вршел злоупотреба на правото на советничко отсуство, сум имал фиктивни ангажмани, исплата на плата без реален работен ангажман и дека сум ја користел јавната функција како параван за избегнување на редовни работни обврски.

Јавноста треба да знае дека правото на советникот да биде ослободен од работа заради вршење на советничката функција не е привилегија ниту злоупотреба, туку законски гарантирано право утврдено со Закон.

Исто така невистинити се и тврдењата дека 4 (четири) години сум вработен во РЕК Битола додека сум бил Советник во Советот на Општина Битола, не е точно дек сум бил вработен во Одделението за технологија во РЕК Битола, бидејќи  такво одделение во РЕК Битола не постои. Од документацијата што ви била доставена на увид (на кој начин и по кој закон, работно досие од вработен можи слободно да излези и да се достави на разгледување надвор од работните простории на работодавачот и од страна на неовластени службени лица ќе биде тема на кривична постапка) можевте да увидите дека јас во РЕК Битола сум вработен од 2024 година, а претходно целиот мој работен стаж од 9 години е стекнат во приватни фирми каде што работев на различни работни позиции.

Во текот на советничкиот мандат сите мои отсуства се евидентирани и оправдани со потврди за присуство како Советник за потребите на Советот на Општина Битола кои истите ги изработува одделението за подршка на Советот на Општина Битола согласно предвидените активности на советниците на кој се става печат од страна на вработените во секторот  во состав на Општина Битола, и потоа доаѓаат на потпис кај Претседателот на Советот на Општина Битола.

Во однос на изнесените лаги и манипулации дека Јули месец е месец на одмор кај советничката функција тоа не е вистина, од самите видео записи можи да се утврди дека во месец Јули се одржани десетици  комисии, бидејќи во тој месец се носеше фамозниот ребаланс на буџет кој три  пати беше паѓан и преформулиран со бројни амадмани токму предложени од мене лично, но и од сите советници во Советот на Општина Битола.

Меѓу другото, на тие комисии за спорт се разгледуваа извештаите на спортските клубови, на кои ќе се потсетат партиските нарачатели како се движеше кражбата и тонењето на ФК Пелистер, исто така и Реконструкција на Јужна трибина на стадионот Петар Милошевски, со кој се направи една целина од комплетен стадион е мој амадман токму во овој месец кој беше одбиван во три наврати за што требало убаво да се информирате, не тенденциозно и точно да ја информирате јавноста.

Невистините се и наводите дека во месец Август 2023 година се одржале само три комисии и една седница на Советот на Општина Битола, токму во овој месец се одржаа повеќе комисии и официјални работни групи кои само тие траеја седум дена согласно потребите за ребаланс на буџетот во Советот на Општина Битола од повеќе програми за кој недостигаа финасии, бидејќи прв пат беше обзнанета со факти и бројки неодговорната работа на Општина Битола и ПРВ пат донесен ребаланс на буџет согласно потребите и барањата на Битола и Битолчани.

Невистините се и наводите дека и во месец ноември 2023 година се одржале само три комисии и една седница на Советот на Општина Битола, токму во овој мнесец се одржаа повеќе  десетина комисии, повторно за носење на втор ребаланс на буџет, се одржаа три форумски сесии во три дена за предлог буџет на Општина Битола, се одржаа повеќе активности во повеќе денови по повод денот на Оптшина Битола 4ти Ноември, Спортски протести и барање на средба со советници во Советот на Општина Битола и комисијата за спорт поради затварање на единствениот и најстар Гимнастички објект во Република Македонија од страна на Општина Битола кој и ден денес не е во функција. Останати средби и активности кои се во функција на Советот на Општина Битола и барањата на граѓаните на Битола.

Во однос на наводите  дали моето присуство на Седница, Комисија, Работна група итн е вистинито, слободно можи да се провери со отворање на сајтот на Општина Битола, ЈУ-туб каналот на Општина Битола и снимените видеа од седници, комисии, работни групу итн. Јавните ТВ и социјални медиуми, радија, весници каде јасно се гледа мојата работна ангажираност во работата на Советот на Општина Битола чии седници траеја и по петнаесет  часови во текот на денот.

Случајот се надевам дека ќе добие институционална разврска поради тоа што со вашата медиумска клевета и политичко обвинување за мојата личност, интегритет е Ваша безобзирна проба за нарушување на мојот професионален и личен авторитет.

Како одговор за совесното работење во моите два мандати како  во Советот на Општина Битола, ќе набројам само неколку капитални работи кој лично со свој ангажман сум ги придонесол за мојот град, за Битола и Битолчани и кои и понатаму ќе ги правам а беа потребни многу денови работа и вклученост за истите бидат реализирани:

– Битолска ракометна платформа е комплено технички и административно спроведена од моја страна а како Советник, сум ја бранел кога овие сегашните беа против силен, европски РК Еурофарм Пелистер;

– Комплетна реконструкција на спортска сала во Центар за социјална работа Битола во која моментално тренираат и години наназад најдобрите боксери во Македонија и годинешни спортисти на Битола и Македонија, како и нашата Битолчанка, најдобар параолимпиец со златен медал во историјата на Македонија;

– Медицински апарати за Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“- Битола како и за лицата со визуелна и телесна попреченос во Битолат.

– Комплетно изработен проект доставен и финансиран од Швајцарска амбасада преку низа форумски сесии до ново возило, комбе за лица со попречености за Битолчани.

– Прв Регионален ресурсен центар за лица со попречености во Македонија со комплетна внатрешна и надворешна адаптација намента за лицата  со попречености на територија на Општина Битола, Ресен, Демирхисар, Новаци и Могила, финансиран проект кој беше работен три години во вредност од 60 000 долари добиени како  грант од  „ УСАИД и УНДП“,  како и потпомогнат од Битолски фирми во нашиот град.

– Реконструкција на спортска сала во Основно училиште со дополнително реновирање на  ходници, соблекувални,  пристап во самото училиште итн.

– Создавање на Фолкорен сојуз со повеќе ингеренции, финансии и одобрување на фолкорна паралелка за да се чува националниот идентитет со генерации. Реконструкција на капацитетите на фолклорен ансамбал.

Согласно горенаведеното имајќи ги во предвид одредбите од Законот за граѓанска одговорност при клевета и навреда врз основа на  чл.13 став 2 кој гласи:

„Извинувањето или јавното повлекување на изјавата од ставот 1 на овој член се објавува на истото место и во ист обем во печатеното средство за јавно информирање или на интернет страницата, или во исто време и во ист обем во електронските средства за јавно информирање или интернет страница, како и информацијата на која се реагира(наслов, поднаслов, наднаслов, текст во пишани средства за јавно информирање или интернет страница, најава во информативна програма, прилог)“, Извинувањето и Јавното повлекување на текстот во кој ги изнесовте невистините мора да биде објавен на истото место и во истиот обем во средствата за јавно информирање.

Согласно одредбите од Законот за граѓанска одговорност при клевета и навреда особено член 13 став 3 кој гласи:

„Извинувањето или јавното повлекување на изјавата од ставот 2 на овој член се објавува во средство за јавно информирање, односно интернет страницата, најдоцна во рок 48 часа од денот на доставувањето на реакцијата“, извинувањето или јавното повлекување  на текстот сте должни да го објавите на истиот начин и преку истото средство за јавно информирање најдоцна во рок од 48 часа од доставувањето на ова барање за јавно извинување и повлекување на објавеното.

Со надеж дека ќе постапите по ова барање согласно Законот за граѓанска одговорност при клевета и навреда, однапред Ви Благодарам, во спротивно ќе бидам принуден да ги искористам сите расположливи правни средства за заштита на моите права и углед, вклучително и поведување постапка пред надлежен суд.

Со почит,
Борче Корлевски
04.06.2026 г.

Одговор од Редакцијата на Плусинфо

Почитуван г-н Корлевски,

Во законскиот рок по приемот на Вашиот демант, го објавуваме, на истото место (рубрики „Македонија“ и „Слајдер“), во обем соодветен на должината на текстот.

Би сакале да Ве потсетиме дека во врска со сомнежите за злоупотреба на советничката функција за отсуства од работа, со Вас лично разговаравме телефонски и врз основа на тој разговор во оспорениот текст објавивме ваша изјава со следната содржина:

„Борче Корлевски за Плусинфо објаснува дека бил општински советник во Битола во два мандата и детално ја опишува својата богата активност.

– Советничката функција не подразбира само учество на седници на Советот и на комисиите. Иако јас секогаш сум бил редовен и активен на тие седници. Советникот има и многу други обврски поврзани со неговата функција. Сакам да нагласам дека во РЕК Битола бев редовно вработен само 1 година во текот на мојот мандат, додека другите години бев работно ангажиран во приватна фирма подизведувач на битолскиот комбинат. Според тоа, не може да стане збор дека цели 4 години сум отсуствувал од работа во РЕК Битола. Дополнително, сите советнички паушали што сум ги зел во текот на мојот мандат сум ги донирал за помош на граѓански организации и хуманитарни активности. На пример, за реконструкција на спортски сали и училишта, за помош за набавка на опрема за Клиничката болница и за разни други активности. Тоа во Битола е општопознато. Инаку, се согласувам дека постои системски проблем со фактот што општинските советници се ангажирани за извршување на својата функција и истовремено се потребни на своите работни места. Мислам дека единствениот начин тој проблем да се реши е целосна професионализација на функцијата општински советник – вели Корлевски.“

Исто така, во врска со сомнежите, разговаравме и со Габриела Илиевска, претседателка на Советот во мандатот за кој станува збор. Ова е нејзината изјава:

„ Поранешната претседателка на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, во јавноста позната како претставничка на граѓанското движење Поинаку и како чест критичар на локалната власт, за Плусинфо потврди дека и на советникот Корлевски и на сите други советници што барале, со полна доверба им издавала потврди за ангажмани, за да ги оправдаат своите отсуства од работа.

– За жал, како претседателка на Советот, ниту сум имала законска обврска, ниту капацитет, да вршам проверки дали советниците ги злоупотребувале тие потврди. Тоа е обврска на работодавачите. Општо земено, ангажманот на општинските советници не е добро законски регулиран. Во пракса, на пример, има советници кои исто така многу често отсуствуваат од своите работни места заради остварување на советничката функција, но не бараат потврди, бидејќи нивните работодавци тоа не го бараат од нив. Има и обратни случаи, општински советници кои редовно земаат советнички паушали, а отсуствуваат од активностите на Советот, дури и од пленарните седници, при што се оправдуваат со своите обврски на работните места. За жал, вака ќе биде сè додека советничката функција целосно не се професионализира – вели Габриела Илиевска“.

Во Вашата изјава во тој текст, се содржат основните елементи на Вашиот демант на сомнежите дека сте ја злоупотребила функцијата советник за фиктивни отсуства од работа. Во таа изјава се кажува каде и како сте биле работно ангажирани, а Вие го соопштувате и фактот дека сите советнички паушали сте ги донирале во хумантарни цели.

Го разбираме Вашиот револт и се извинуваме ако спорниот напис може да се доживее како повреда на вашите чест и углед, но сакаме јасно и гласно да кажеме дека во овој текст, на проблемот во кој сте инволвирани, се гледа како на проблем од системско значење. Никаде во текстот не се оспорува начинот на кој сте ја вршеле советничката функција, не се тврди и не се сугерира дека намерно сте отсуствувале од работа за други цели неповрзани со остварувањето на советничката функција и слично. Такво нешто во оспорениот напис нема, од проста причина што такви информации не сме ни имале.

Во целина, од текстот е јасно дека не постои намера да се омаловажат Вашиот лик и Вашиот советнички ангажман. Но, како што коментирате и вие и г-ѓа Габриела Илиевска, навистина постои сериозен системски проблем, за кој и двајцата велите дека треба да се реши со целосно професионализирање на функцијата општински советник. За што, се разбира, имаме истоветно мислење.

А како што наведовме во оспорениот напис, една темелна институционална проверка на Вашите евидентирани околу 700 отсуства од работа, треба да даде јасен одговор дали во случајот станува збор за административна неуредност, несовесно работење или можеби широко распространет модел на злоупотреба. Ова го велиме не заради прејудицирање на Ваша евентуална вина за злоупотреба на советничката функција, или евентуално вина на други актери од Советот на Општина Битола, туку првенствено како потреба да се најде решение за еден евидентен системски проблем.

Со почит,
Редакција на Плусинфо

Поврзани содржини