OПШТИНАТА УШТЕ ВО МАРТ ГИ ДОБИЛА НА СУД „ГОСПОДАРИТЕ“ НА КУКЛИЦА Стојна и Милош ја обжалиле пресудата, се чека исход
Општина Кратово соопшти дека уште во март добила судска пресуда со која на тужените им се наложува да ги предадат објектите и просторот кај Куклица, но постапката сè уште не е завршена бидејќи предметот е на второстепен суд. Општината очекува откако пресудата ќе стане правосилна да биде извршена со помош на надлежните држави органи.
Општина Кратово во март оваа година добила правосилна пресуда против двете лица кои ги узурпираат влезот и брвнарата на локалитетот Куклица и нелегално наплаќаат за влез, но се чека исходот од обжалувањето на тужбата во предметот. Општината се огласи со соопштение откако денеска на социјалните мрежи граѓани револтирано реагираа за овој проблем кој се провлекува подолго време.
Општината извести дека во моментот е спречена да постапува по Законот за прогласувањена на локалитетот за споменик на природата.
„Пресудата е обжалена и во моментов се наоѓа на второстепена судска инстанца. По нејзината правосилност, Општина Кратово очекува нејзино брзо и ефикасно спроведување преку овластен извршител и со поддршка на надлежните државни органи, вклучително и Министерството за внатрешни работи“, велат од Општина Кратово.
Пресудата од 12 март предвидува осомничените Стојна Димитровска Боотх и нејзинит татко Милош Димитровски заедно со здружението „Извор“-Кратово во рок од 15 дена од правосилноста да му го предадат на Музејот на град Кратово објектот како и дрвената куќичка брвнара и да го ослободат просторот од сите предмети и ствари.
Општината вели дека лицата Стојна и нејзиниот татко бесправно го присвоиле просторот за неовластено да наплатуваат влезници.
„Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња“.
На социјалните мрежи денеска беше споделена кривична пријава од 24 јуни 2025 година кога Општината ги тужела Стојна и Милош. Но, Општината во соопштение открива дека не било првпат да пријави лицата. Општината ги пријавила лицата за узурпација на недвижности, пријави кои уште се во постапка пред надлежното обвинителство.
Покрај овие кривични пријави, општината вели дека испратила голем број пријави и писмени поднесоци до надлежни институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи. Во овие институции, според општината, огромен број претставки испратиле и оштетени граѓани.
„Меѓутоа за жал до овој момент, немаме добиено позитивни информации за превземени конкретни активности туку одредени паушални констатации“, велат од општина Кратово.
Општината порачува дека останува посветена на заштита на јавниот интерес, законитото управување со природното наследство и безбедноста на граѓаните и посетителите во рамките на своите надлежности но секако очекува поголема вклученост и ажурност и од други овластени институции.