ИЗБОРНИТЕ РЕФОРМИ ВЛЕГУВААТ ВО ЗАВРШНА ФАЗА Не е точно дека се водат заткулисни преговори

Министерството за правда вели дека е нејасно како Дејанчо Цветановски од ЛДП зборува за процес што наводно се водел „зад затворени врати“, кога токму тој како претставник на ЛДП активно учествува во работата на групата, присуствува на состаноците и има можност директно да ги изнесе своите ставови и предлози.

72

Изборните реформи влегуваат во завршна фаза вели Министерството за правда по денешната седма по ред седница на Работната група за изборни реформи. Следната седница  е закажана на 12 јуни по што законските измени ќе се  финализираат и ќе се достават во понатамошна процедура.

Министерството ги демантира наводите на Дејанчо Цветановски од ЛДП кој тврди дека процесот оди во лоша насока и дека големите политички партии зад кулисите се обидуваат да да го заштитат својот монопол.






Министерството вели дека е нејасно како Цветановски зборува за процес што наводно се водел „зад затворени врати“, кога токму тој како претставник на ЛДП активно учествува во работата на групата, присуствува на состаноците и има можност директно да ги изнесе своите ставови и предлози.

„Работната група функционира транспарентно, со учество на претставници на парламентарните политички партии и независни пратеници. Секој предлог и од институциите и граѓанскиот сектор е разгледуван и дискутиран, а процесот се води исклучиво во насока на усогласување на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Оттука, обидите за создавање перцепција дека процесот е нетранспарентен претставуваат политички спин кој не соодветствува со фактите. Факт е дека Цветановски беше дел од дискусиите, ги слушна сите аргументи и имаше еднаква можност како и останатите учесници да придонесе во процесот“, соопшти Министерството за правда.

Оттаму дополнуваат дека процесот се одвива во духот на дијалог, професионалност и заедничка одговорност за унапредување на демократските стандарди во државата.

Следната седница  е закажана на 12 јуни по што законските измени ќе се  финализираат и ќе се достават во понатамошна процедура.

Поврзани содржини