ТРАМП БАРА „ДА ЗАПРЕ ПУКАЊЕТО“, НО ТОА СЕ ЗАСИЛУВА! Израел и Иран се толчат, конфликтот се шири, на повидок блокада и на Црвеното Море!?
Трамп апелира на двеете страни да се почитува прекинот на огнот, но Техеран не му верува – без дозвола на САД Израел не напаѓа. Се активираа Хутите од Јемен со напади врз израелските позиции, а под закана се и американските бази во Ирак, од проиранските милиции. Кина изразува голема загриженост и бара почитување на примирјето.
Американскиот претседател Доналд Трамп упати јавен повик до Израел и Иран веднаш да ги прекинат меѓусебните напади, по најновата ескалација на тензиите на Блискиот Исток.
Во објава на својата социјална мрежа „Трут соушал“, Трамп порача дека двете земји мора без одложување да престанат со размената на оган.
„Иран и Израел мора веднаш да престанат да пукаат“, напиша Трамп во кратката порака објавена на неговиот профил.
Неговата реакција доаѓа по новиот бран напади меѓу Израел и Иран, кои повторно ги зголемија стравувањата од поширока регионална ескалација и дополнително влошување на безбедносната состојба на Блискиот Исток.
Засега, Трамп не изнесе дополнителни детали за евентуални американски дипломатски активности ниту, пак, прецизираше дали Вашингтон е директно вклучен во напорите за намалување на тензиите меѓу двете земји.
Техеран: Израел не напаѓа без согласност од САД
Техеран денеска го обвини Вашингтон дека е директно одговорен за продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток откако претходно Иран и Израел разменија оган, првпат од прекинот на огнот на 8 април, а проиранските Хути повторно го нападнаа Израел по неколку недели.
– Никој не верува дека ционистичкиот режим (Израел) би презел какви било чекори без претходна координација и соработка со САД, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, нагласувајќи ја „одговорноста на САД“.
– Дејствата на ционистичкиот режим во регионот не можат да се одвојат од американската политика – додаде тој на прес-конференција во Техеран.
Израел и Иран од утрово започнаа меѓусебни напади откако Исламската Република истрела ракети кон израелска територија.
Хутите напаѓаат од Јемен: Ќе го затвориме Црвеното Море
Проиранските Хути во Јемен утрово објавија дека лансирале неколку балистички ракети кон Израел, што е нивен прв напад врз земјата по неколку недели, јави ДПА.
Израелската армија рано утрово објави дека од Јемен е лансирана балистичка ракета кон Израел.
Портпаролот на војската на Хутите, Јаја Сари, исто така, најави „целосна блокада“ на бродовите во Црвеното Море кои пловат кон Израел или имаат врски со Израел.
Во Ирак под закана американските бази
По израелските напади врз Иран проиранската милиција во Ирак, Катаиб Хезболах, се закани со свои напади врз американските бази во регионот.

Групата во текот на ноќта соопшти дека ќе започне напади доколку САД се приклучат на израелската офанзива што започна како одговор на новите ирански напади врз Израел доцна синоќа.
Неколку моќни вооружени групи дејствуваат во Ирак и добиваат различна поддршка од соседниот Иран.
Од почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран во февруари, милициите ја презедоа одговорноста за стотици напади на Блискиот Исток, вклучувајќи напади врз американски објекти и цели поврзани со курдски групи.
Курдите претставуваат една од најважните опозициски групи во Иран, а некои од курдските групи се сојузници на САД. Некои милиции во Ирак се согласија да го стават своето оружје под државна контрола по притисокот од Вашингтон.
Израел најавува „подолготрајни борби“
Израелската армија соопшти дека очекува борбите со Иран да продолжат најмалку уште неколку дена, нагласувајќи дека е подготвена и за подолготраен конфликт доколку дојде до понатамошна ескалација.
Според проценките на Израелските одбранбени сили (ИДФ), актуелните судири нема да завршат во краток рок, а војската останува во состојба на висока готовност.
Од ИДФ информираа дека Иран од синоќа кон Израел лансирал најмалку 20 балистички проектили. Според израелската армија, дел од нив биле пресретнати од противвоздушната одбрана, додека останатите паднале на ненаселени подрачја.

Како одговор на нападите, Израел досега извел два бранови воздушни операции на територијата на Иран. Во текот на ноќта, десетици борбени авиони на израелските воздухопловни сили нападнале девет системи за противвоздушна одбрана во западниот и централниот дел на Иран. Дополнително, утрово биле погодени и три фабрики во петрохемиски комплекс во југозападниот дел на земјата.

Фото: EPA/PAVEL WOLBERG
Од ИДФ наведуваат дека нападите ги изведува исклучиво Израел, но истакнуваат дека постои целосна координација со Централната команда на САД (Цент-ком). Американските сили, според израелската страна, учествувале и во пресретнувањето на дел од проектилите истрелани од Иран.
Светот загрижен, Кина бара почитување на примирјето
Последните случувања дополнително ги зголемија стравувањата од поширока ескалација на конфликтот на Блискиот Исток. Меѓународната заедница во изминатите денови упати повеќе повици за воздржаност и враќање на дипломатските канали, со цел да се спречи натамошно ширење на конфликтот во регионот.

Меѓу првите реакции беше изјавата на портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан. На утрински брифинг со новинарите тој изјави дека Кина е „длабоко загрижена“ поради новата ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.
– Се надеваме дека сите засегнати страни ќе се придржуваат до својата обврска за почитување на прекинот на огнот, ќе го зачуваат моментумот на преговорите, ќе продолжат да ги решаваат разликите преку политички и дипломатски средства и ќе постигнат сеопфатен и траен прекин на огнот што е можно поскоро – изјави тој.
Кина увезува големи количества сурова нафта и природен гас од Блискиот Исток и редовно повикува на запирање на воените дејствија во регионот.