СВЕТОТ ВЛЕГУВА ВО НОВА НУКЛЕАРНА ТРКА Сите девет нуклеарни сили ги прошируваат своите арсенали

Извештајот на СИПРИ покажува дека сите девет држави со нуклеарно оружје ги модернизираат своите арсенали, додека Русија и САД и натаму поседуваат повеќе од четири петтини од светските нуклеарни резерви.

76

Сите девет држави што поседуваат нуклеарно оружје ги модернизирале и ги прошириле своите арсенали во услови на растечки глобални тензии, се наведува во извештајот на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), објавен денеска.

Истражувањето покажува широк тренд на нуклеарно вооружување кај сите девет нуклеарни сили.






– Сè повеќе докази укажуваат на тоа дека државите со нуклеарно оружје ги ставаат настрана, па дури и се откажуваат од своите обврски за разоружување, и наместо тоа ја демонстрираат својата нуклеарна моќ – изјави истражувачот на СИПРИ, Ханс Кристенсен.

Според него, потпирањето на нуклеарни решенија создава нови ризици и дополнително ја поттикнува трката во вооружување.

Русија во повеќе наврати алудираше на својот нуклеарен потенцијал за време на војната во Украина со цел да ги одврати западните земји од поддршката на Киев.

Според проценките на СИПРИ, Русија и САД заедно поседуваат околу 83 проценти од сите складирани нуклеарни бојни глави во светот.

По завршувањето на Студената војна, двете држави постепено ги демонтираа повлечените боеви глави, што доведе до континуирано намалување на глобалните нуклеарни залихи.

Сепак, институтот предупредува дека овој тренд најверојатно ќе се промени во наредните години поради забавувањето на разоружувањето и распоредувањето ново нуклеарно оружје.

Истражувачите проценуваат дека деветте нуклеарни сили – САД, Русија, Обединетото Кралство, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел – во јануари 2026 година поседувале вкупно 12.187 нуклеарни бојни глави.

Од нив, околу 9.745 биле дел од воените резерви подготвени за евентуална употреба.

Повеќе од 4.012 бојни глави биле распоредени на ракети и на авиони, додека меѓу 2.100 и 2.200 биле поставени на балистички ракети во состојба на највисока готовност.

Речиси сите такви системи им припаѓаат на Русија и на САД, а во помал обем и на Обединетото Кралство и на Франција.

По излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија, Франција останува единствената нуклеарна сила во рамките на ЕУ.

Поврзани содржини