ЕКОНОМИЈАТА НЕ БАРА САМО МЛАДИ СО ДИПЛОМИ, ТУКУ И СО ПРАКТИЧНИ ВЕШТИНИ И КРЕАТИВНОСТ Експерти бараат студиските програми да се креираат според реалниот пазар на труд

На денешната конференција во стопанската комора беше речено дека Македонија не смее веќе да произведува кадар со кој ќе го зголемува бројот на бирото на невработени и младите да ги подготвува за професии кои реално исчезнуваат.

30

Долго време во високото образование меревме успех со бројот на запишани студенти, со бројот на факултети и со бројот на издадени дипломи, но денес мора искрено да признаеме – на економијата не ѝ треба само диплома. Ѝ треба знаење, вештини, иновации и носечки кадар. Не смееме повеќе да „штанцаме“ програми што не се тесно поврзани со реалниот пазар, беше речено на денешната конференција во Стопанската комора.

Како што порачаа учесниците, Македонија не смее веќе да произведува кадар со кој ќе го зголемува бројот на бирото на невработени и младите да ги подготвува за професии кои реално исчезнуваат.






-Високото образование ќе треба да стане партнер на економијата и мотор на развојот. Нам ни е потребна нова генерација инженери, технолози, ИТ експерти, машински и електроинженери, енергетичари, .. Потребни ни се практичари, не само теоретичари. Следните 10 години ќе победуваат државите со продуктивна индустрија, технолошка адаптација, сопствени иновации и стручен кадар кој создава додадена вредност, а таму треба да се најде и Македонија – истакна професорот Марјан Ѓуровски.

Според него, студиските програми треба да се креираат заедно со стопанството.

-Колку луѓе досега дипломирале, но и колку од нив создале економска вредност? Образовната политика не е само административен сегмент. Високото образование мора да стане развојна, а не административна политика -напомена Ѓуровски.

Од Стопанската комора потенцираа дека не смее академијата и бизнисот да живеат во тотално различни светови.

-Неопходно ни е создавање кадар кој ќе одговори на новата, современа економија преку комбинација на теорија и пракса, но и преку континуирана соработка помеѓу образовните институции и бизнис заедницата. Денешната економија бара млади луѓе не само со диплома, туку и со практични вештини, млади кои поседуваат употребни компетенции, кои имаат критичко размислување, кои ќе носат одлуки, но и ќе бидат иновативни и креативни –  подвлече Наташа Јаневска, советник за образование во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора.

Претседателот на Комората Бранко Азески рече дека бизнисот сака оној што општеството го оспособува, да биде и практично корисен.

-Продуктивноста кај нас е најниско ниво. Ефикасноста е на најниско ниво. Може да се реши само на еден начин: високопрофесионални луѓе со високи примања. Ако тоа не го направи Македонија, си потпишала смртна пресуда-укажа Азески.

Поврзани содржини