ПРИСТИГНУВААТ 40 ВОЗИЛА И 2.600 КОНТЕЈНЕРИ ЗА ЃУБРЕ Ѓорѓиевски најави решавање на хаосот со отпадот во Скопје

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави засилување на комуналниот систем во Скопје со нова механизација, 2.600 контејнери и две претоварни станици, со цел подобрување на хигиената во градот од септември.

121

Градот Скопје интензивно работи на решавање на долгогодишните проблеми со комуналната хигиена, а значително подобрување на состојбата се очекува веќе од септември, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека при преземањето на функцијата биле затекнати само 16 функционални возила за собирање отпад, додека денес секојдневно на терен работат меѓу 50 и 60 возила.






– Не сакам да се жалам на состојбите што ги затекнавме, туку да зборувам за тоа што е направено и што се менува. Денес имаме значително повеќе возила на терен, иако голем дел од механизацијата е стара и често се соочуваме со дефекти – рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека со поддршка од Владата, Министерството за транспорт и Светската банка, Скопје ќе добие околу 40 нови возила од различен тип, наменети за комуналната хигиена.

Дополнително, Градот обезбедува уште четири нови возила и две претоварни станици, кои треба значително да ја подобрат ефикасноста во транспортот на отпадот.

Едната претоварна станица ќе биде поставена во Ѓорче Петров и ќе ги опслужува општините Ѓорче Петров, Карпош и Сарај, додека другата ќе биде лоцирана во Гази Баба.

Според Ѓорѓиевски, ова ќе овозможи камионите да не мораат постојано да патуваат до депонијата, туку побрзо да се враќаат на терен и да продолжат со собирање на отпадот.

Во тек е и набавка на 2.600 нови контејнери, кои треба да пристигнат за околу еден месец и претставуваат една од најголемите набавки во последната деценија.

– На многу локации контејнерите со години не биле заменети. Со оваа набавка решаваме уште еден сериозен проблем, кој директно влијае врз чистотата на градот – истакна градоначалникот.

Тој додаде дека во изминатиот период биле надминати и финансиски проблеми во ЈП „Комунална хигиена“, каде што биле наследени неисплатени плати и високи трошоци за работење.

– Полека, но сигурно го решаваме проблемот. Останува да пристигнат новата механизација и контејнерите, за целиот систем да биде ставен во целосна функција. Верувам дека од септември темата со отпадот повеќе нема да се третира како досега – порача Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини